Македонија има двајца претставници во една од најдобрите европски лиги, Асобал лигата. Дарко Димитриевски и Димитар Димитриоски и во новата сезона ќе ги бранат боите на шпанскиот Ваљадолид, каде играат под палката на некогашниот стратег на Вардар, Давид Писонеро.
Во минатата сезона Ваљадолид имаше неколку одлични партии, но повредите на дел од ракометарите, неколку несреќни порази придонесоа до крајот да не биде сигурен во опстанокот. Тој беше обезбеден на три кола до крајот на минатата сезона, а нашите ракометари имаат големи улоги на теренот.
За разлика од Дарко, кој во кариерата има настапувано во Израел, Германија, Унгарија, Катар…но најдолго се задржа во Шпанија, за Димитар настапите во Асобал лигата беа прво интернационално искуство, но веднаш ја доби довербата од Писонеро и покажа дека ќе биде големо засилување за тимот.
„Да бидам искрен уште кога пристигнав првиот ден не се чувствував како да сум далеку од дома, нема премногу разлика за тоа како се живее тука и култура од Македонија и можеби затоа и не ја осетив премногу далечината од дома. Нема нешто што би рекол дека не ми се допаѓа тука, се чувстувам како дома“, вели Димитар.
Дарко пред да дојде во Ваљадолид играше за Пуерто Сагунто, Адемар Леон и три сезони за Синфин Сантандер, одлично го владее шпанскиот јазик и има само пофални зборови за оваа земја.
„Веќе 7-8 години поминав во Шпанија и можам слободно да кажам дека е една од најубавите земји во светот. Променив неколку држави во текот на мојата кариера и дефинитивно Шпанија има посебно место во моето срце. Луѓето во Шпанија се многу позитивни и насмеани, од првиот момент во секој град во секој клуб се чуствував примено од сите како јас така и моето семејство. Па бев прифатен скоро секаде, но дефинтивно најдобро бев прифатен во Шпанија бидејќи лугето во Шпанија се топли сакаат дружби сакаат да го живеат својот живот до последно, а сето тоа ми помогна и јас најдобро да ја прифатам таа држава без потешкотии“, вели Дарко.
Тој е во Шпанија заедно со неговата сопруга, со која имаат едно дете.
„Неколку години сме заедно во странство и се снаоѓаме одлично. Син ми е роден во Шпанија, сите зборуваме шпански, а тоа ни ја олеснува комуникацијата. Мојата сопруга е IT инженер, работи од дома, што исто така ни обозможува полесна организација и да минеме повеќе време заедно. “, продолжи Дарко.
Димитар за првпат излезе надвор од Македонија и потписот за Ваљадолид, односно преселбата во Шпанија е полн погодок.
„Да, ова е мое прво интернационално искуство и морам да кажам дека уште од првото мое појавување во клубот бев прифатен од играчите и се чувствував како да сме поминале веќе пет години заедно. На почетокот ми беше малку тешко морам да признаам околу јазичната бариера бидејќи во Шпанија, не се владее многу англискиот јазик, но многу ми помогна Дарко, кој уште од првиот ден ми помагаше да го совладам побрзо јазикот, но и Давид Писонеро кој знаеше дека брзо ќе го совладам па им „забрани“ да зборуваат со мене на англиски со цел да завладеам побрзо шпанскиот јазик и за веќе два-три месеци немав проблем“, продолжува Димитар.
За разлика од Македонија, каде не сите клубови се на високо ниво организирани, каде што се случува доцнење на плати…левото крило вели дека тоа не е случај во Шпанија.
„Мислам дека сите знаеме како функционираат сите европски клубови и цела европска унија и дека сите тие финансиски работи воопшто не оптоваруваат никого бидејќи сите знаат дека секој го почитува договорот и не се случило никогаш било какво доцнење“, тврди Димитар.
Левото крило, кое Писонеро понекогаш го користи и како среден бек, вели дека клубот и тренерот се задоволни од неговите изданија, па затоа продолжува да ги брани боите на овој клуб и наредната сезона.
„Како играч имав голема среќа да работам со играчи кои претходно сум ги гледал само на ТВ, кои играле во Лигата на Шампионите,Светско или Европско првенство и исто така да тренирам во тој ист систем на работа со Давид Писонеро во Вардар. Останувам во Ваљадолид имам валиден договор уште за следната сезона со можност за продолжување на уште една година и мислам дека и тренерот и клубот се задоволни од тоа што досега успеав да го прикажам во дресот на Ваљадолид. Јас сепак како играч никогаш не се задоволувам со малку и секогаш моите амбиции растат и се надевам дека во следната сезона ќе пружам уште подобри партии“, вели Димитар.
Дарко е долго време во Шпанија и имал можност да ја прошета целата земја. Тој има препораки за Македонци што сакаат да ја посетат Шпанија.
„Дефинитивно сум многу поврзан со Сантандер тоа е место каде што поминав три години и градот каде што се роди мојот син, Сантандер е прекрасно место кое излегува на море, со прекрасни песочни плажи и го препорачувам на секого. Друго прекрасно место каде што сум бил и прошетал е Валенсија исто Севиља, Сан Себастијан итн…“
За разлика од него, Димитар се уште е „нов“ во Шпанија, но и тој се согласува во однос на Сантандер. Прилепчанецот вели дека од Македонија не му недостига ништо, освен блиските.
„Немав премногу слободно време да шетам и да одмарам бидеќи имавме обврски со клубот, но успеав да го видам Сантандер. Тоа е преубаво место и за живеење, но и за посета на неколку дена. Исто така успеав на кратко да го видам и Леон, кој е исто така симпатичен град, но ништо не би споредил со Сантандер кој за мене сега за сега е број еден. Искрено ако мора да кажам дека нешто ми фали би рекол дека ми фалат само блиските, но сите кои се занимаваме со професионален спорт знаеме дека тоа е дел од нашата работа и кога ќе заврши сезоната и обврските ќе имаме слободно време и за тоа што ни фали“.
На Дарко му фалат најблиските и другарите, но и храната.
„Секако дека ми фалат работи од Македонија. Секогаш на прво место е моето семејство кое ми недостасува најмногу од се, тука се моите другари кои исто така ми недостасуваат. Можеби некои специјалитети ми фалат, бидејќи во Македонија има прекрасна храна“.
Искусниот среден бек вели дека иако многу стручњаци коментираат дека квалитетот на Асобал лигата е паднат во последните сезони, тој не се согласува.
„Според мене шпанскиот систем на ракомет е еден од најдобрите во светот. Резултатите на кадетска, младинска и сениорска шпанска репрезентација доволно кажуваат за системот, на сето ова ако го погледнеме во изминативе години прогресот на репрезентациите како Аргентина, Бразил, Чиле…каде што најголем дел од играчите настапуваат во шпанската лига. На последното СП, Аргентина ја победи Македонија со 10 голови што говори за квалитетот на лигата. Ако на сето тоа ги додадеме успесите на Барса и Гранољерс во Европа, ќе сфатиме сите за каква лига станува збор“, вели Димитриевски.
Димитар исто така не согласува со тврдењето дека Асобал лигата е слаба.
„Морам да потенцирам пред се дека Асобал лигата е премногу квалитетна, иако некои луѓе ги гледаат само резултатите дека Барселона победува против сите со поголема гол разлика. Тоа сепак не ја прави лигата слаба, бидејќи кога не би ја гледале Барселона останатите екипи можат да победат секој против секого и тоа е знак дека воопшто нема лесни натпревари. Ако Ваљадолид играше во македонската Супер лига, сигурен сум дека би се борел за титулата“, вели Димитриоски.
Дарко бил неколку пати на поширок список и на собир на сениорската репрезентација, но ја нема добиено вистинската шанса во националниот тим на Македонија.
„Сон на секој спортист е да го носи дресот на државата од која потекнува. Би излажал ако кажам дека не ми е жал. Имам интернационална кариера повеќе од 12 години, играв против најдобрите играчи во различни европски лиги и секако дека се чувствувам навредено што никогаш не добив вистинска шанса. За мене шанса треба да добијат само најдобрите играчи, истакнувајќи се со играта во своите клубови, ракомет не се учи на натпревари за репрезентацијата. Младите може да бидат повикани и да учат од постарите, да стекнат искуство и ментално и физички да се подготват за едно големо натпреварување“, заврши Димитриевски.
Димитар играше на едно големо натпреварување – на СП 2021 во Египет, потоа беше во комбинација за квалификации за ЕП, но не доби шанса за настап.
„Тоа беше мое прво големо натпреварување во кое да бидам искрен влегов во комбинација за настап на само еден ден пред тргнување за Египет, бидејќи на последниот контролен натпревар се повреди левото крило на нашата репрезентација. Присуствував на собирот кога нашата репрезентација играше квалификации против Данска и кога победи, но поради проблеми со повреда на коленото разговарав со селекторот Кирил Лазаров дека најдобро е да ме ослободи од собирот бидејќи неможам да помогнам. Знаеме дека нашиот селектор ја познава добро Асобал лигата бидејќи настапуваше долго време во шпанските клубови, немаме комуницирано но сигурно е дека сите тренери и селектори се интересираат за играчите кои играат во странство и добро се информираат за тоа како настапуваат во своите клубови. Имаше многу реакции за тоа дали треба или не треба некој да се најде на списокотот на репрезентацијата, но јас секогаш стојам зад тоа дека секој тренер во своите мисли, анализи и стил на игра го прави својот избор. Мислам дека моментално во репрезентацијата се избрани најдобрите на своите позиции и можеме да им посакаме среќа и да навиваме и да ги бордиме на секој натпревар“, заврши Димитриоски.
Ваљадолид ја почнува новата сезона во Асобал лигата в недела на гостински терен кај составот на Уеска.