Македонскиот интернационалец Дарко Георгиевски има активен договор и за следната сезона со францускиот тим Анже.
По прекинот на француските шампионати, Анже беше лидер во една од групите во Третата лига, а во следната сезона ќе игра во еден ранг погоре, ПРО лигата, која е втора конкуренција по квалитет во Франција.
Георгиевски, кој своевремено беше член на МРК Вардар, Куманово, Пелистер, Драчево и последно на Охрид, настапуваше и за францускиот Белфор, како и тимот од Луксембург, Ред Бојс Диферданж.
Тој се најде на поширокиот список на селекторот Данило Брестовац пред стартот на Европското првенство и настапи на пријателските средби и на Трофеј Карпати во Романија, но не беше на финалниот список на патници на ЕП.