Еден од носителите на играта во репрезентацијата на Данска, Матијас Гидсел, најверојатно нема да настапи на утрешниот натпревар против Македонија во рамките од третото коло од групната фаза на ЕП поради повреда, пренесуваат данските медиуми.
Не се октриваат многу информации дали повредата на Гидсел е сериознa, но на вчерашниот натпревар против Словенија, десниот бек добил удар во пределот на абдоменот и неговиот настап за дуелот против Македонија е под знак прашалник. Гидсел не присуствуваше на денешниот тренинг на данската репрезентација.
Натпреварот против Македонија за избраниците на Николај Јакобсен нема никакво резултатско значење бидејќи обезбедија пласман во главната фаза од ЕП со двете остварени победи против Црна Гора и Словенија.
На натпреварот против Македонија се очекува да настапат ракометарите со помала минутажа од данскиот состав. Репрезентациите на Данска и Македонија ќе се соочат утре со почеток од 20:30 часот.