Дански ТВ 2 го „мести“ Начевски, ЕХФ го суспендираше!

Европската ракометна федерација привремено го суспендираше раководителот на Натпреварувачката комисија, Драган Начевски како мерка на претпазливост откако данската ТВ2 достави видео документи кои инсинуираат дека не се дистанцирал доволно при приватни разговори околу манипулирање со ракометни натпревари!

ЕХФ се одлучи на овој потег откако, ТВ 2 доставила видео документи од јануари 2020 година во кои е снимен состанокот на македонскиот делегат со наводен бизнисмен во кој се разговарало за влез на кинески тим во СЕХА лигата. Како дел од тој разговор била отворена и темата за местење на натпревари, а ЕХФ почуствувала дека при тие разговори Драган Начевски не се дистанцирал доволно од темата. ТВ2 им потврдиле на органите на ЕХФ дека Драган Начевски во тој разговор неколку пати директно одбил да учествува во местење на ракометни натпревари.

Поткрепа на тврдењата, ТВ2 добиле и од поранешен ракометен судија кој наводно преку посредник добил понуда да влијае на натпревар.

Суспензијата на Начевски ќе значи и истрага од австриските власти и самостојниот правен систем на ЕХФ кој треба да ја донесе конечната одлука, се вели во нивното соопштение.

Данскиот национален сервис веќе подолго време ја води војната на својата федерација со балканските судии, што овој јануари кулминираше со спинување на стари анализи од недоволно релевантен извор како сензационалистичка вест за мито кај судиите. Насловната вест беше со фотографија од најдобриот светски судиски пар Начевски и Николов, а рециклираниот и „надграден“ текст беше пласиран во пресрет на првиот натпревар кој македонската двојка требаше да го суди на Светското првенство во Полска и Шведска. Тогаш ЕХФ застана во заштита на судиите, но не го осуди „валканиот“ потег на данскиот национален сервис.

Сега повторно данскиот телевизиски гигант носи две години стара вест, но овојпат реакцијата на ЕХФ е во насока на заштита на фер-плеј политиката во спортот.

Без разлика какви ќе бидат последиците доколку случај се потврди или се отфрли како неоснован, штетата е направена.