Данска полуфиналето го избори откако во четвртфиналето ја совлада Унгарија со 40:23 и со тоа им се реваншираа за поразот во Албервил на СП 2017, што е воедно и последен пораз на Данска на светските првенства и со овој триумф низата трае 26 натпревари (24 победи и 2 нерешени резултати).
Светскиот првак Данска само во првите 10 минути имаше проблеми во дуелот со Унгарија кога водеше со 4:3. Во овој дел од натпреварот Миклер имаше неколку успешни интервенции на голот на Унгарија. Но, сепак Данците полека почнаа да го кршат отпорот на противникот и по 20.минути водеа со 14:9. До крајот на првиот дел избраниците на Јакобсен речиси ја дуплираа предноста и на полувреме имаа +9 (21:12). Во овој дел голманот на Данска Ландин беше пречка за унгарскиот напад и првиот дел го заврши со 10 одбрани.
На стартот од вториот дел Данска стигна и до двоцифрено водство кое постојано и го зголемуваше и во 37.минута водеше со 27:14. Набрзо Данска стигна и до +15 (31:16). Во продолжение Данска го намали темпото, а Унгарија успеа да намали 31:20. Во финишот селекторот Јакобсен им даде шанса и на играчите кои на почетокот беа на клупата и потоа водството на Данска пак почна да расте и во 58.минута беше 39:22.
Гидсел со 9 голови и Питлик со 8 беа најефикасни кај Данска.