Репрезентацијата на Данска ја совлада Србија во рамките на второто коло од група Б со 34-21 (18-11) и по воведниот изненадувачки пораз од Словенија во првото коло ја најави кандидатурата за главна фаза на Европското првенство.
Уште на самиот почеток Данска создаде два погодока предност, а разлика полека ја градеше до највисоки „плус седум“ во финишот на првиот дел, разлика со која двете репрезентации заминаа на десетминутна пауза. По триесет одиграни минути Данска имаше предност против Србија од 18-11. Србинките одиграа лошо прво полувреме, а особено не се снаоѓаа во периодите со играч помалку на терен, за разлика од нив Данска успеваше дури и да го зголеми своето водство во ситуација кога имаа исклучена ракометарка.
Второто полувреме Данска рутински го одведе кон посакуваниот крај, разликата се движеше околу капиталот кој го создадоа на полувреме, а во средина на второто полувреме имаа и „плус девет“. Точно на средината на вториот дел, селекторот на Србија побара тајм-аут, но разликата беше премногу висока за да се бара трошка надеж за поволен резултат од овој дуел. Селеторот на Данска во финишот им даде шанса на ракометарките кои добиваат помала минутажа, но тоа не влијаеше на играта и темпото на данската репрезентација. До 50. минута имаа двоцифрена предност која одеше до „плус тринаесет“ за на крајот дуелот да заврши со конечен резултат 34-21.
Најпрецизни во Данска беа Хајндал, Транборг и Јенсен со по 4 голови, додека кај Србија Стоиљковиќ постигна 6 голови, а ја следеа Јанушевиќ со 4 и Лавко со три голови.
Србија останува на дното на табелата во група Б, но сè уште има шанси за минување во главната фаза, а од тоа ќе зависи нивниот настап во последното коло против домаќинот Словенија во Целје. Данска со првата победа на Европското првенство ќе има поповолна позиција во последното коло бидејќи од дуелот со Србија пренесува голема гол-разлика, но дефинитивно финалниот расплет на позициите во група Б ќе биде јасен за два дена по последното трето коло.