Репрезентацијата на Данска е првиот финалист на Светското првенство 2023, откако триумфираше во полуфиналето против Шпанија, со резултат 26:23. Данска во финалето ќе игра со подобриот од дуелот меѓу Шведска и Франција.
Данска добро го стартуваше дуелот, имаше водство од 2:0, но ,,црвената фурија” со два гола во низа дојде до израмнување на резултатот, 2:2. Откако резултатот беше нерешен 4:4, следуваше одлична игра на ракометарите на Јакобсен, кои со поддршката од голманот Никлас Ландин, зголемија на 7:4, го забрзаа темпото на игра, но во неколку наврати никако не можеа да зголемат на четири гола разлика.
Сепак, лошата игра на Шпанија кон средината на првиот дел беше причина за селекцијата на Данска да зголеми на највисоките дотогаш ,,плус четири” и водство 9:5 во 15 минута. Шпанија беше репрезентацијата која бркаше негатива од три до четири гола разлика, додека кај скандинавската селекција разиграни беа бековите, па така актуелниот светски првак успеваше да одржува дистанца и да биде чекор пред ривалот.
Ракометарите на Жорди Ривера тешко ја напаѓаа противничката зона, а дополнителен проблем беше голманот Ландин, кој не дозволуваше лесни погодоци во својата мрежа. Иако Данска имаше водство од 11:7, сепак, Шпанија на осум минути пред крајот на првиот дел успеа да ја преполови негативата и да намали на 11:10. До крајот на полувремето Данска повторно дојде до разлика од четири гола и на пауза замина со поубедлива предност од 15:10.
Второто полувреме започна со голот на Алекс Душебаев, кој намали на 15:11. Ракометарите на Данска имаа голема психолошка предност, беа смирени во нападот и лесно доаѓаа до погодок. Данска при водство од 18:13, имаше шанса за да дојде до пет гола разлика, но Шпанија со расположениот Алекс Душебаев не дозволуваа противникот да се одлепи на повисока предност.
По низата технички грешки во таборот на светскиот првак од 2013 година, Данска во 40 минута повторно дојде до предност од пет гола разлика, имаше водство од 15:10. Шпанија се обидуваше да фати приклучок и да го направи полуфиналето понеизвесно. Откако Данска водеше со 20:16, Алекс Душебаев и колегите направија серија од 3:0 намалувајќи на само еден гол негатива, 20:19. Кризниот период во репрезентацијата на Данска беше прекинат со голот на Јакобсен, кој зголеми на 21:19.
Во последните десет минути Данска влезе со минимална предност од 21:20 и веќе тука беше јасно дека само нијанси ќе одлучуваат кој ќе ја добие битката за големото финале. Киркелоке зголеми на 22:20 во 52 минута, а минута подоцна Питлик реализираше за ,,плус три” 23:20. Иако Шпанија во финишот имаше краок залет и намали на 25:23, ракометарите на Данска не дозволија комплетен пресврт и обезбедија победа со која се пласираа во финалето на 28-то Светско првенство во Полска и Шведска.
Најефикасен во репрезентацијата на Данска беше Симон Питлик со шест гола од 12 обиди. Голманот Никлас Ландин собра 15 интервенции. Кај Шпанија се истакна екс ракометарот на Вардар, Алекс Душебаев со пет погодоци, додека Перез Де Варгаз имаше 13 интервенции во дуелот со Данска.