Женското сениорско Европско првенство треба да почне на 3 декември и да трае до 20 декември, но дали ќе има воопшто натпревари на шампионатот ќе се знае утре.
За 11 часот утре е закажан состанок на Управниот одбор на Ракометната федерација на Данска, а клучното прашање за кое ќе се разговара е дали Данска може да ја преземе самостојно организацијата на Европското првенство и да гарантира безбедно организирање на шампионатот.
Откако Норвешка се повлече поради законите во оваа земја со коронавирусот. Норвешка и Данска заеднички требаше да ги организираат натпреварите и тоа по две групи од првата фаза, а потоа по една од вториот круг. Планот беше завршницата да се игра во Норвешка.
Проблемите почнаа одамна кога се појави коронавирусот. Почна барање солуција како првенството да се одржи, па имаше опција натпреварите да се играат во еден град во Норвешка и во еден град во Данска. Сепак, властите во Норвешка не дадоа можност за некаква измена на законите бидејќи при еден позитивен тест во некоја репрезентација сите мораат во изолација и не можат повеќе да играат. На тој начин ќе имаше многу проблеми.
Норвешка се откажа, а сега Данска е во неизвесност. Ракометната федерација на Данска нема гаранција од Властите и ќе мора Управниот одбор да пресече. Нема да се чека многу бидејќи времето наближува, а репрезентациите ќе почнат да се собираат и да стартуваат со подготовките за првенството. За да нема неизвесност утре паѓа одлуката. Ќе има или ќе нема Европско првенство во овој декември? Единствената опција е да се игра во Данска во еден град.