Данска успеа да се провлече против Шведска и остана на курсот кон полуфинале

Селекциите на Данска и Шведска одиграа нов интересен натпревар после кој домаќинот на Европското првенство успеа да дојде до триумф од 24:22 и ги продолжи своите шанси за пласман во полуфиналето.

Во натпревар кој беше неизвесен во текот на сите 60 минути немаше да биде незаслужено доколку и селекцијата на Шведска дојдеше до победата. Малку беше потребно за да успее да го сврти мечот во своја корист во завршницата, но ракометарките не успеаја да издржат.

Данска беше подобриот ривал од почеток, но не го издржа ритамот, па како одминуваше времето така Швеѓанките се доближуваа и најавуаа дополнителни возбудувања.

На полувреме резултатот беше само 13:12, а потоа во вториот дел постојано беше израмнето. Голманките имаа свои моменти и на двете страни при што имаше доста интервенции и малку погодоци, па на крајот од средбата имаше само 46 погодоци.

Лесно можеше овој дуел да заврши и со победа на Шведска или со реми, но Швеѓанките во финишот лошо ги реализираа ударите од седум метри што пресуди победата да и припадне на Данска. На тој начин домаќинките останаа во трка за полуфинале, но јасно е дека сè ќе решаваат во последното коло против Русија.

Мете Транборг со шест гола и Ане Мете Хансен со пет беа најефикасните во редовите на Данска на овој натпревар додека во Шведска прв стрелец со четири гола беше Кристин Торлајфсдотир.

Овој резултат ја откажа селекцијата на Шведска на патот кон полуфиналето, додека Данска ќе мора прво да ја совлада Шпанија в недела, а потоа да се обиде и Русија во вторник.