Денеска во Португалија продолжија натпреварите од последното 3. коло од групната фаза на Европското младинско првенство за ракометари до 19 години.
Селекцијата на Данска, која во првото коло загуби од Фарски Острови, обезбеди пласман во главната фаза на младинскиот континентален собир, откако во последното коло славеше против Словенија, со резултат 34:27 (17:15).
Со поразот од Данска, Словенија заврши на 3. позиција во групата Б, а тоа значи дека ќе разигрува за пласман од 9 до 16 место. Данците беа предводени од Томас Арнолдсен, кој беше најефикасен во својата репрезентација со осум погодоци. Средниот бек на Словенија, Јанц Митја исто така постигна осум гола.
Ракометарите на Црна Гора немаа сили да направат сензација против Франција и убедливо беа поразени со 23:29 (12:16) во натпревар од групата Ц. Франција со освоената победа ќе има шанса да се бори за полуфинале бидејќи оди во главната рунда. Црногорците со три порази ќе разигруваат за пласман.
Солиден на голот на Црна Гора беше новиот член на Еурофарм Пелистер 2, Василије Печурица. 18 годишниот голман зад своето име запиша девет интервенции, додека неговиот колега и имењак, Василије Вујовиќ натпреварот го заврши со една интервенција.