Egypt vs Denmark, IHF 2023 Men's World Championship - POLAND, SWEDEN, Malmo, 23.01.2023, Mandatory Credit © Anze Malovrh / kolektiff

Данска е последниот патник во ТОП 8, Норвешка го доби дербито со Германија

Репрезентацијата на Данска е последниот патник во четвртфиналето, откако во последниот натпревар од третото коло од групната фаза го совлада Египет со пет гола разлика, 30:25 (17:12). Со победата над Египет, актуелниот светски првак заврши како првопласирана селекција во четвртата група.

Данците имаа одличен старт на натпреварот и уште на самиот почеток им дадоја до знаење на избраниците на Парондо дека ќе имаат тешка задача за поволен резултат. Ракометарите на Јакобсен поведоа со 2:0 и имаа целосна контрола на резултатот.

Како одминуваше времето растеше предноста на Данска, која по пет минути игра имаше водство од 6:2, додека кон средината на првиот дел дојде и до 9:3. Египет никако не можеше да се прилагоди на поставената одбрана 6-0 на Данска.

Данска од сите позиции ја полнеше мрежата на Египет, а најрасположени во првите 30 минути беа Микел Хансен и Симон Питлик. Актуелниот светски првак во неколку наврати имаше водство од седум до осум гола разлика, а пред финишот од првиот дел Египет намали дел од негативата, па така на пауза Данска замина со предност од 17:12.

Ниту во второто полувреме Данска не дозволи Египет да има напредок во играта. Данска рутински ја контролираше предноста од првиот дел, која во ниту еден момент не беше загрозена. Египет се обидуваше да дојде до помала негатива, но грешките во нападот, промашените зицери си го направија своето, така што селекцијата на Роберто Парондо веќе капитулираше во последниот дел и силите ги чуваше за четвртфиналето.

Во дербито од третата група, селекцијата на Норвешка славеше против Германија со 28:26 (18:16). Во сите 60 минути имаше голема неизвесност, иако норвешката репрезентација во првиот дел беше подобриот противник на теренот, сепак, вторите 30 минути минаа во голема борба за секоја топка и само нијанси одлучуваа каков ќе биде исходот од дербито.

Двете репрезентации наизменично се менуваа во водство во последниот период, а селекцијата на Норвешка успеа во финишот да го сврти резултатот во своја корист и да се израдува на победа, со која го освојува првото место во третата група.