Голманот на Охрид, Никола Даниловски, ќе го има својот дебитански настап за сениорската репрезентација во Египет.
Младиот чувар на мрежата ја доби довербата од селекторот, Данило Брестовац, и заедно со Томовски и Митревски, ќе се обидат да бидат одлични меѓу стативите.
Своја шанса да ги покаже своите квалитети, Даниловски доби за време на вториот пријателски натпревар против Чиле во Скопје.
„За секој играч е чест да игра за својата репрезентација и сум среќен што бев повикан од страна на селекторот Данило Брестовац, но и среќен што ќе патувам на Светското првенство во Египет. За сега немаме некои очекувања бидејќи се приклучивме во последен момент по повлекувањето на Чешка. Се надевам дека ќе се претставиме во добро светло на овој Мундијал“, вели Даниловски за 24Ракомет.
Ривали на Македонија ќе бидат Шведска, домаќинот Египет и Чиле, со кој одигравме два пријателски натпревари.
„Имаме некоја претстава за селекцијата на Чиле, но има голема разлика од пријателски натпревар и натпревар на Светско првенство. Треба да прикажеме уште подобра игра за да победиме третпат“, продолжува Даниловски.
Покрај голманот на Охрид, во триото наши чувари на мрежата ќе бидат Томовски и Митревски.
„Доколку добијам шанса да застанам на голот ќе ја оправдам дадената доверба и ќе ги исполнам очекувањата. Со Томовски сме подолго време тандем, за Митревски не треба многу да се зборува, брани одлично во ЛШ. Ние сме ем конкуренција, ем пријатели“, Заврши Даниловски.
Покрај Македонија, во групата се уште и Шведска, домаќинот Египет и Чиле, а првиот дуел против скандинавскиот ривал, го играме вечерва од 20:30 часот.