Данскиот стратег Ларс Валтер е нов тренер на македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер, со кој потпиша договор на две сезони. Од ова лето почнува нова ера во битолскиот клуб, кој за првпат ќе биде предводен од скандинавски тренер.
Валтер има големо тренерско искуство, а последниот ангажман го имаше во полскиот тим Азоти Пулави, каде што остана една сезона. Претходно беше тренер на Порто, Есбјерг, Висла Плоцк, Кадетен Шафхаузен, Баја Маре, Конверзано, Горење Велење…
Во периодот додека ја водеше Висла Плоцк, во 2011/2012 беше прогласен за тренер на годината во Полска, откако клубот ја освои шампионската титула. Со Баја Маре и со Кадетен исто така има титули во Швајцарија и Романија, додека со Горење и Конверзано беше вицепрвак на Словенија и Италија. Со словенечкиот и со полскиот клуб стигна до осминафиналето на Лигата на шампионите.
Во играчката кариера настапуваше за Алборг, Нордхорн, Спортинг Лисабон, Маритимо, Тор Акурејри…
Претходно Еурофарм Пелистер се засили со Урбан Лесјак, Руди Сери, Вилсон Дејвис, Усама Хосни, Денис Василев, Жарко Пешевски, а се очекува уште две или три засилувања да дојдат во Битола по желба на новиот тренер.
Минатата сезона битолчани го освоија трофејот во Суперкупот на Македонија, а беа поразени во финалето на Купот, додека во Суперлигата го освоија второто место. Во Лигата на Европа беа елиминирани во осминафиналето.