Металург во финалето од Купот на Македонија го совлада Ѓорче Петров со 30:27 и по пауза од девет години ја врати Куп титулата во Автокоманда.
Ракометарките на Металург во речиси целиот натпревар ја диктираа играта на терен, на моменти имаа осум – девет гола разлика, а во завршниот дел поради убедливата предност му дозволија на Ѓорче Петров само да го ублажи поразот.
Тренерот на Металург, Јулијана Дамчевска, како главен фактор за победата го истакнува пристапот на нејзините избранички, кои целосно го одработија тоа што претходно беше договорено пред финалето.
„Можеби некој велеше дека не сме фаворити, но јас во секоја моја изјава нагласив дека на вакви натпревари нема фаворити. Мислам дека сосема заслужено го освоивме трофејот, а ваквиот резултат се должи на добрата работа и ангажирањето на играчите во текот на целиот натпревар, но и во целиот тренанжен процес, како и огромната желба за докажување и освојување на титулата. Игравме дисциплинирано и на ваков натпревар не може да се игра во брз ритам во текот на сите 60 минути, сепак, успеавме и заслужено се радуваме“, изјави Дамчевска.
Екипите на Металург и Ѓорче Петров во последното коло од плеј-оф фазата во Женската лига повторно ќе имаат голем дуел.