Управниот Одбор на Ракометната федерација на Македонија донесе две одлуки за премии за женската и машката репрезентација.
По трите победи на квалификацискиот турнир и максималниот учинок што донесе пласман во баражот за СП, дамите ќе поделат 10.000 евра, додека за евентуалниот пласман на Мундијалот, ќе им следува премија уште 40.000 евра.
УО на РФМ донесе одлука и за дополнителна премија за сениорите, а таа ќе биде од 20.000 или 40.000 евра во зависност кое место ќе биде освоено на крајот на квалификациите за ЕП 2022.
„Управниот Одбор на Ракометната Федерација на Македонија, согласно Член 35, 59 и 60 од Статутот поради итност на донесување на одлука согласно Член 3 точка 11 “Одлука без присуство” од Законот за здружение и фондации (Сл. весник на РМ бр. 52 од 16.04.2010 год.) на ден 25.03.2021 год. донесе одлуки за одредување на парични награди за сениорската женска и сениорската машка ракометна репрезентација, односно ги донесе следните одлуки:
– Одлука бр. 1 За одредување на парична награда на сениорската женска ракометна репрезентација
За доделување парична награда во вредност од 10.000 EUR нето на женска сениорска ракометна репрезентација за остварен максимален учинок (3 победи) на квалификацискиот турнир за обезбедување бараж натпревар за пласман на СП Шпанија 2021.
За парична награда во висина од 40.000 EUR нето износ доколку сениорската женска ракометна репрезентација обезбеди пласман на Светско Првенство во Шпанија 2021 година.
– Одлука бр. 2 За одредување на парична награда за сениорската машка ракометна репрезентација
За освоено прво место во квалификациска група во рамки на квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2022 година парична награда во висина од 40.000 EUR нето износ.
За освоено второ место во квалификациска група во рамки на квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2022 година со освоени 10 бода парична награда во висина од 30.000 EUR нето износ.
За освоено второ место во квалификациска група во рамки на квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2022 година со освоени помалку од 10 бода парична награда во висина од 20.000 EUR нето износ“, се вели во соопштението на РФМ.
Дамите со три победи на квалификацискиот турнир над Литванија, Исланд и јужниот сосед обезбедија место во баражот за СП, каде ќе играат со Романија, додека мажите веќе се пласираа на ЕП 2022, а во дуелите со Финска и Швајцарија ќе се борат за првото (ако Данска киксне против Швајцарија) или второто место во групата.