Давид Дејвис: Пресуден фактор за победата беше Борко Ристовски!

Ракометарите на Вардар на гостувањето во Битола кај Еурофарм Пелистер не дозволија битолскиот тим да биде на чекор до титулата и со победа во пеколната атмосфера во салата „Боро Чурлевски“ од 23:26 го презедоа првото место на табелата во суперлигашкиот плеј-оф.

Тренерот на Вардар, Давид Дејвис, беше задоволен по одиграниот натпревар во Битола и како клучен сегмент за победата го истакна голманот Борко Ристовски кој ги откажа „фармацевтите“ во последниот дел од натпреварот.

„Оваа недела беше многу тешка за нас бидејќи имавме неколку повредени играчи. Ни беше јасно дека мора да победиме, сите ракометари играа тимски и пресудно за победата беше одбраната 5-1 и голманот Борко Ристовски кога влезе во елемент во второто полувреме. Борко денеска беше одличен, но тоа го очекував од него“, изјави стратегот на Вардар.

Во последните три кола Вардар ќе се соочи со Еурофарм Пелистер 2, Бутел и Тиквеш. Во овие натпревари голем фаворит е Вардар, но избраниците на Давид Дејвис ќе треба да дадат 100% од своите сили доколку сакаат да ја задржат титулата во своите раце.