Според информациите на унгарскиот „Nemzeti Sport”, поранешиот тренер на Вардар, Давид Дејвис, има голема шанса да се врати во унгарскиот клупски ракомет.
Дејвис, кој моментално го предводи Ал Ахли и со тимот од Египет има договор до 2025 година, би можел да биде наследник на Хуан Карлос Пастор во ПИК Сегед.
46-годишниот стратег од октомври, 2018, па сѐ до декември, 2021 година, го предводеше најголемиот ривал на ПИК Сегед во домашниот шампионат, тимот на Веспрем.
Како што пишува „Nemzeti Sport”, неговиот договор со клубот од Сегед би бил само на една сезона, бидејќи во натпреварувачката сезона 2024/25 тимот неофицијално ќе биде предводен од поранешниот репрезентативец на Шведска и актуелен тренер на Савехоф, Микаел Апелгрен.
Во својата тренерска кариера Дејвис работеше и во женскиот клуб на Вардар, а на репрезентативен план беше селектор на Египет, но и дел од стручниот штаб на Русија.
Изминатиот период во медиумите во Унгарија како можен наследник на Хуан Карлос Пастор се споменуваше името на Талант Душебаев и поранешниот селектор на Исланд, Гудмундур Гудмундсон.