Женската репрезентација на Македонија ја очекува третиот и најважен натпревар на Европското првенство.
Противник на Македонија во последното, 3. коло од групната фаза ќе биде романската селекција и доколку избраничките на Љубомир Савевски триумфираат против Романија, тогаш Македонија ќе обезбеди пласман во главната фаза на Европското првенство, односно место меѓу најдобрите 12 репрезентации на континенталниот собир.
Кружниот напаѓач Сања Давевска се надева на поволен резултат против Романија.
„Мислам дека Романија поблиску е до нас, не е репрезентација од рангот на Франција и Холандија, да играат толку брз ракомет, играат нешто поспоро. Нашата шанса ќе ја бараме во овој дуел и се надевам дека ќе дојдеме до победа. Очекуваме борбен натпревар, ќе има многу „тепање“ на терен, но се надевам дека резултатот ќе биде во наша полза. Сакаме поддршка и од публиката и криво ни е што не ги израдувавме досега со победа, но се надевам во последниот натпревар ќе го направиме тоа“, изјави Дабевска.
Натпреварот меѓу Македонија и Романија се игра утре, со почеток од 18:00 часот во СЦ ,,Борис Трајковски”.