Тренерот на актуелниот европски шампион Вајперс Кристијансад, Оле Густав Гјекстад во следната сезона ќе го има првиот интернационален предизвик.
Искусниот стратег, кој со Вајперс Кристијансад во претходните две сезони го освојуваше трофејот во Лигата на шампионите, ќе биде предводник на данскиот шампион Оденсе.
Иако беше главен кандидат за нов тренер во Ѓер, сепак, откако унгарскиот гигант го ангажираше токму актуелниот тренер на Оденсе, Улрик Киркели, норвежанецот и данскиот шампион без проблеми се договорија на соработка од три сезони.
Гјекстад е на чело на Вајперс Кристијансад од 2018 година, во тој период четири пати го освои норвешкиот шампионат и два пати Лигата на шампионите. Пред тоа, тој работеше во некогашниот европски гигант Ларвик и во машкиот клуб Драмен.