Откако пред извесен период унгарскиот гигант Ѓер објави дека актуелниот тренер на екипата Амброш Мартин ќе си замине на крајот од оваа сезона, започнаа шпекулациите за новото тренерско име на еден од најтрофејните клубови во Унгарија.
Според информациите на данската телевизија ,,ТВ2″, искусниот тренер на Вајперс Кристијансад, Оле Густав Гјекстад е главен кандидат за тренерското место во Ѓер.
Актуелниот европски шампион и Оле Густав Гјекстад решија да не ја продолжат соработката и по завршувањето на тековната сезона стратегот на Вајперс Кристијансад ќе биде слободен.
,,Свесен сум за гласините дека сум пред преселба во Ѓер. Но, покрај мене, меѓу потенцијалните кандидати се наоѓаат и други искусни тренери. Затоа, не може да коментирам ништо за оваа тема, но знам дека на Ѓер му треба нов тренер“, изјави Гјекстад за ,,ТВ2″.
Оле Густав Гјекстад со Вајперс Кристијансад во претходните две сезони ја освои титулата во Лигата на шампионите. Норвежанецот доколку се пресели во Ѓер, тогаш ќе го има првиот интернационален предизвик, бидејќи во неговата кариера работеше само со норвешки клубови, беше предводник на некогашниот европски гигант Ларвик, како и на машката екипа на Драмен.