Тимот на Чаир утре го очекува првиот натпревар од третата рунда во Европскиот Куп против израелскиот тим Макаби Аразим Рамат Ган.
Левиот бек Теодора Гулицоска вели дека за ракометарките е уште поголем мотив што ќе играат пред домашната публика и ветува дека ќе дадат се од себе.
„Имаме мала возбуда, сепак играме европски натпревар пред домашна публика, тоа ќе биде уште поголем мотив за нас. Сигурна сум дека ние како екипа ќе дадеме се од себе, очекуваме и веруваме само во победа“, вели Гулицоска.
Таа открива дека повеќе внимание посветиле на маните на противникот при анализите пред двомечот.
„Ние повеќе ги анализиравме нивните мани со цел да станат наша предност. Тие имаат поискусна екипа, десниот бек Хавроњина отскокнува можеби од нивниот состав. Но ние со наша брза игра, бидејќи сме пониски, со добра концетрација и дисциплина, мислам дека не би требало да имаме проблеми“, продолжи Гулицоска.
Чаир влегува во овој европски двомеч осоколен од триумфот во дербито против Куманово и тоа на гостински терен.
„Искрено не се подготвуваме премногу за мечот со Куманово, бидејќи од нашата лига веќе ги знаеме сите противнички ракометарки, знаеме кои сме и што сме сите. Отидовме во Куманово, победивме, ќе се стремиме истото да го направиме и утре“, заврши Гулицоска.
Натпреварот меѓу Чаир и Макаби Аразим Рамат Ган се игра утревечер во салата Автокоманда со почеток во 18:00 часот.