Грчкиот репрезентативец останува во Скопје, тука ќе чека ја победата над Корона вирусот

Ракометарот кој во текот на паузата дојде во редовите на Пролет, Ѓуро Мујиќ не планира да се врати во Грција и во следниот период ќе остане во Скопје каде што ќе го очекува продолжението на сезоната.

Тој е репрезентативец на Грција со потекло од Србија, а во изјава за сајтот на клубот тој вели дека не планира да си замине и дека во Скопје ќе продолжи со индивидуални тренинзи.

„Ситуацијата не е добра, но тоа не важи само за Македонија, туку за цела Европа, па и пошироко. Седам дома, излегувам само кога треба да трчам за да останам во форма, или да купам нешто во некој од супермаркетите. Не ни помислувам на враќање во Грција бидејќи ќе треба да останам 14 дена во карантин, а и не гледам зошто би си одел кога сакам да останам овде. Во контакт сум со соиграчите и со претставниците на клубот, сите сме во исчекување на информација кога би можеле да продолжиме со ракомет“, вели Мујиќ.

Паузата во првенството беше предвидена да трае до 27 март, но очигледно е дека истата ќе се пролонгира откако денеска беше прогласена Вонредна состојба и поради тоа тешко дека ќе може да се организира некој настан до средината на април.