Женската кадетска репрезентација на Македонија на 12 јули ќе ги започне подготовките за настап на Европското првенство во Црна Гора.
Селекторот Кристијан Грчевски ќе прозива во среда, а подготовките треба да ги почнат 29 ракометарки, односно со 27 поради настапот на Ива Младеновска и Анастасија Трпеска на Европското првенство за младинки во Романија.
Тие двете по краткиот одмор ќе се приклучат на тренинзите со кадетките. Грчевски вели дека на стартот ќе се работи на физичката подготвеност.
„Во првиот дел од подготовките ќе работиме на физичката подготвеност, а од 16 јули почнуваме со воигрување и ќе се спремаме што е можно подобро за стартот на Европското превнство. Ќе бидат повеќе ракометарки на тренинзите од првата фаза, за да видиме дали имаме материјал за нешто понатаму и дали може да се смета на нив како идни сениорки. Сакам да добијам што е можно поголема слика за сите ракометарки. Поголем дел од оние на списокот се пионерки кои следната година ќе треба да играат квалификации за следното кадетско ЕП. Сакам да ги вклопам за да добијат едно искуство плус и да им биде полесно следната година. Ова сега ќе биде едно големо искуство за сите, ова е прв настап на овие ракометарки на едно големо натпреварување. Се надевам дека ќе имаме позитивни искуства и дека од натпревар во натпревар ќе растеме и ќе созреваме. Ќе треба време, но тука сме да работиме и да напредуваме. Заедно со сите тренери во текот на целата година треба да работиме за доброто на женскиот ракомет во Македонија“, изјави Грчевски за 24Ракомет.
Македонија на кадетскиот континентален собир ќе игра во групата Д со Романија, Унгарија и Франција.
ЕП ќе се одржи во Подгорица, натпреварите ќе се играат во „Морача“ и „Верде“ од 3 до 13 август.
Грчевски прозива на 12 јули, кадетките стартуваат со подготовки за ЕП