Македонскиот тренер Кристијан Грчевски ќе го има првиот меѓународен предизвик и ќе му биде помошник на Зоран Кастратовиќ на клупата на репрезентацијата на Саудиска Арабија. Тој е веќе на пат за Дамам каде ќе почне со работа во репрезентацијата.
Двајцата македонски тренери од 5 до 15 јули ќе го имаат првиот тест и со репрезентацијата на Саудиска Арабија ќе настапат на Азиските игри. Од тој настап ќе зависи и дали ќе продолжат со соработката со азиската репрезентација. Потоа продолжуваат со олимписките квалификации во група со Катар, Јужна Кореја, ОАЕ и Кина, а потоа и на Азискиот шампионат во 2024 година.
Грчевски претходниве неколку сезони беше тренер на Бутел и со екипата ги оствари најдобрите резултати на скопјани, двапати играјќи во европските купов. Но, сега реши да бара нов предизвик и откако замина од Бутел, бара нов тренер.
Во меѓувреме е тренер на женската кадетска репрезентација на Македонија која летово ќе игра на европско првенство.
Кастратовиќ пред извесно време беше назначен за селектор на Саудиска Арабија. Тој го водеше составот на Ал Мудар, со кој долго време беше лидер на првенството беше лидер, но на крајот заврши на втората позиција.
Според гласовите на љубителите на ракометот во Саудиска Арабија, Кастратовиќ беше прогласен за тренер на годината.
Црногорецот има големо искуство и како селектор и како тренер. Во Македонија работеше во Пролет, Металург и Вардар, а ги водеше и Беране, Сутјеска, Будуќност, Ел Џаиш и Ал Мудар. Беше на селекторските позиции во машките репрезентации на Црна Гора и Иран, а ја водеше и женската репрезентација на Македонија.