Тимот на Бутел Скопје со десет победи и четири пораз го заврши регуларниот дел од сезоната во Суперлигата, и пренесе еден бод во разигрувањето за титулата.
Тренерот Кристијан Грчевски е задоволен од постигнатото во регуларниот дел од сезоната.
„Со оглед на тоа што уште од стартот на сезоната се соочивмe со многу проблеми со повредени играчи, и поради ни беше тешко да истемпираме форма, да тренираме квалитетно, сепак се се заврши како што треба. Целта е остварена по потешкиот пат. За нас третото место е и задоволително и незадоволително, но со оглед на тоа со кој бевме во група, со оглед на тоа дека некои екипи беа фаворизирани од самиот почетокк, мислам дека сепак третото место е реално за нас. Можеби ако ни дозволеа да победиме на едно од двете гостувања со директните конкуренти ќе бевме второ место, место кое беше загарантирано за некои екипи но не за нас. Годинава ќе имаме завршница каква досега не сме имале во блиската историја на македонскиот ракомет. Една екипа за мене фаворит и без конкуренција, додека сите други сме на исто скоро ниво, каде ќе одлучуваат мали детал. Одлучувачки ќе биде кој ќе ја дели правдата и дали ќе има наклонетост кон некој клуб или ќе биде оставено на играчите да играат и да покажат своите квалитети. Ракометот е на ракометарите, им посакувам успех на сите екипи и се надевам на фер и коректен плеј-оф“, вели Грчевски.
Стратегот на Бутел вели дека во клубот има играчи кои можат да бидат во националниот тим на Македонија.
„Бутел Скопје од година во година бележи позитивни резултати. Се трудиме екипата да биде составена од што повеќе македонски ракометари, нормално со малку вистински засилувања од странство. Мислам дека во моментов имаме играчи кои би требало да се најдат барем на поширокиот список на репрезентацијата, како кај сениорите, така и во младинските категории“, додаде Грчевски.
Целта и во оваа сезона е место во европските купови.
„Целта на Бутел Скопје оваа сезона е да фатиме место во Европа, иако не знам дали тоа носи позитивни или негативни работи за екипи од наш калибар. Можеби би било добро ако се влезе во групи, но тоа навистина е тешко. Од друга страна е македонското првенство со лимитиран број на играчи кои навистина даваат се од себе, но може да ги стигне и умор и да дојде до повреди, па да се излезе од трката за некое од местата што водат во Европа. За Европа треба долга клупа на играчи со сличен квалитет и во ротацијата да не се почувстува пад во играта“, заврши Грчевски.
Плеј-офот започнува на 11/12 февруари, а Бутел Скопје ќе игра во првото коло со Еурофарм Пелистер на домашен терен.