ГРУПА Е: Германија фаворит, Србија ќе демне од позадина

24Ракомет ви ги претставува учесниците на Светското првенство што ќе се одржи во Полска и Шведска

Групата Е би требало да биде една од најинтересните во прелиминарната рунда на 28-то Светско првенство во Полска и Шведска.

Две европски селекции, Германија и Србија, кои често се среќаваа низ текот на годините ќе се соочат повторно.

Во групата Е на Мундијалот во Катовице покрај Србија и Германија, ќе играат и по еден претставник од Азија и Африка – Катар и Алжир.

Репрезентациите на Катар и Алжир, од кои првата во последните години е редовен учесник на Мундијалите, сигурно нема да се предадат однапред, па европските селекции не треба да ги потценат овие ривали.

🇷🇸 СРБИЈА 🇷🇸

Ракометарите на Србија се враќаат на Мундијалот по четиригодишна пауза и само три настапи во изминатата деценија. Спротивно на тоа, континентално гледано, Србија беше речиси секогаш присутна на Европското првенство, пропуштајќи само еден настап на континенталните собири, во 2008 година. Под раководство на шпанскиот стручнак, Тони Херона, балканската земја се надева дека ќе се врати барем меѓу најдобрите десет репрезентации на светски рамки.

Херона ја презеде селекторската улога во Србија во текот на месец мај, 2020 година, отстапувајќи од функцијата селектор на машката репрезентација на Тунис, која ја водеше од 2017 година. Шпанецот го предводеше Тунис на Светското првенство во 2019 година. Тогаш Тунис во конкуренција на 24 репрезентации го освои 12 место.

Сега со Србија искусниот тренер од Шпанија повторно ќе води репрезентација на Мундијалите. Херона за настапот на Мундијалот во јануари ќе може да смета на поголемиот број искусни репрезентативци.

Србија на трипати остваруваше пласман во топ 10, тоа беше на Светското првенство во 2009, 2011 и 2013 година. На Мундијалите во 2011 и 2013 година заврши на 10. позиција, додека на големото натпреварување во 2009 беше осмо место. Во минатото кога Србија заедно со Црна Гора настапуваше под името Југославија, освои два бронзени медали на Мундијалите. Тоа беше на Светското првенство во Египет (1999) и Светското првенство во Франција (2001).

Србите билетот за настап на Светското првенство во јануари го обезбедија, откако ги добија двата квалификациски натпревари против Словенија. Тие ги совладаа избраниците на Урош Зорман со 34:31 на гостувањето во Целје, пред да победат со иста гол разлика (23:20) на домашен терен во Крагуевац.

Голманот Дејан Милосављев има повреда и ќе биде во трка со времето за настап, но се очекува да биде фит до Мундијалот.

Селектор: Тони Херона

Клучни играчи: Дејан Милосављев (голман), Лазар Кукиќ (среден бек), Петар Ѓорѓиќ (лев бек)

🇩🇪 ГЕРМАНИЈА 🇩🇪

Кога Алфред Гисласон беше назначен за селектор на машка репрезентација на Германија во 2020 година, стратегот од Исланд знаеше дека има планина за искачување, бидејќи обновата на репрезентацијата му беше предадена токму него. На краток рок, првите резултати сигурно не беа онакви какви што Германија ги замислувала, бидејќи на Светското првенство во Египет (2021) избраниците на Гисласон одиграа под сите очекувања и завршија на 12. позиција. Тоа беше најлошиот резултат во историјата на Германија на Мундијалите.

Сепак, Германија дефинитивно се чини дека е на вистинскиот пат откако заврши на седмото место на Европското првенство минатата година, настапи со десеткуван тим поради големите случаи на Ковид-19 кои ги имаше во германскиот табор. Квалификациите за Мундијалот во јануари беа прошетка за избраниците на Алфред Гисласон.

Германија рутински го завери своето место на 28-то издание на Светското првенство, победувајќи со вкупен резултат 67:53 против Фарски Острови во втората фаза од квалификациите за Мундијалот. Гисласон имаше малку слободно време да го подготви својот тим за Светското првенство, бидејќи Германија имаше само еден собир во последните шест месеци. Во овој краток период загубија од Шведска (33:37) и од Шпанија (31:32) на ЕХФ ЕУРО Купот.

Амбициите остануваат високи, особено затоа што Германија ќе биде домаќин на Европското првенство во 2024 и на Светското првенство во 2027 година, при што следните четири години ќе бидат клучни за иднината и успехот на една од најголемите ракометни земји во светот.

Селектор: Алфред Гисласон

Клучни играчи: Андреас Вулф (голман), Јоханес Гола (пивот), Филип Вебер (среден бек)

🇶🇦 КАТАР 🇶🇦

Пред осум години Катар го постигна својот најдобар резултат во ракомет, освојувајќи го сребрениот медал на Светското првенство 2015, на кое беше домаќин. Катар на следните три Мундијали оствари добар резултат. Во Франција 2017, ракометарите на Катар повторно се претставија во добро светло, завршија на осмото место, две години подоцна, односно на СП во 2019, кое се одржуваше во Германија и Данска се пласираа на 13. позиција, додека на Мундијалот во Египет (2021) се вратија меѓу најдобрите осум репрезентации.

На нивниот континент, Катар стана доминантна сила во текот на изминатата деценија. Од 2014 година, тие ги освоија сите пет азиски првенства, последен пат во јануари 2022 година кога во финалето го победија Бахреин. Селекцијата чиј тренер е легендарниот Шпанец Валеро Ривера не успеа да се квалификува за Олимписките игри во Токио, бидејќи загуби токму од Бахреин во квалификациите.

И покрај неостварувањето на зацртаната цел, тимот продолжи да работи напорно, сега со цел да резервира билет за Олимписките игри во Париз. Ривера, кој е селектор на Катар од 2013 година, веќе изјави дека тоа ќе биде неговиот последен олимписки циклус (доколку неговата земја се квалификува) и дека ќе си замине од селекторската функција во текот на 2024 година.

Деновиве се појавија информмации дека најдобриот играч на Катар, Франкис Марсо, го напуштил репрезентативниот камп, но нема официјална потврда за тоа, па ќе видиме дали ќе биде дел од Мундијалот.

Селектор: Валеро Ривера

Клучни играчи: Франкис Марсо (лев бек), Јусуф Бен Али (пивот), Ахмад Мадади (лево крило)

🇩🇿 АЛЖИР 🇩🇿

Не така одамна, Алжир беше врвен тим во африканскиот ракомет, освојувајќи го африканскиот шампионат во 2014 година. Но, потоа селекцијата на Алжир влезе во голема криза, па така репрезентацијата не успеа да се квалификува за Светското првенство во 2017 и 2019 година.

Алжирците по шестгодишна пауза се вратија на Мундијалот, тие учествуваа на Светското првенство во Египет (2021), каде што победија само на еден натпревар, против репрезентацијата на Мароко, но стигнаа до следната фаза и своето учество го завршија на 22 место. И во 2022 година, петтото место на африканското првенство им обезбеди пласман во Полска и Шведска.

Откако Французинот Ален Порт поднесе оставка во летото 2021 година, местото селектор на Алжир беше празно осум месеци пред Рабах Герби да го преземе кормилото во март 2022 година и ја предводеше репрезентацијата на Алжир на Африканскиот шампионат.

52-годишниот Герби, кој е поранешен репрезентативец на Алжир, беше тренер на јуниорската репрезентација и два клуба од Кувајт. Тој исто така работеше како асистент во репрезентацијата на Саудиска Арабија во периодот од 2021 до 2022 година. Сега негова задача е да ја подготви репрезентацијата за Светското првенство каде Алжир во групата Е ќе ги одмери силите со Германија, Катар и Србија и ќе атакува на изненадување на еден од трите натпревари.

Селектор: Рабах Герби

Клучни играчи: Калифа Гедбан (голман), Ајуб Абди (десен бек), Мустафа Хаџи Садок (среден бек)