24Ракомет ви ги претставува учесниците на Светското првенство што ќе се одржи во Полска и Шведска
Во групата Д на Светското првенство во Полска и Шведска ќе играат репрезентациите на Исланд, Португалија, Унгарија и Јужна Кореја.
Унгарија, Исланд и Португалија во последните неколку години често се среќаваат на големите натпреварувања.
Сите три европски селекции, плус Холандија, играа во групната фаза на Европското првенство (2022), на кое Унгарија како домаќин беше елиминирана и одигра под сите очекувања.
И на Мундијалот во јануари ништо нема да биде предвреме познато, бидејќи селекцијата на Јужна Кореја, која заврши на 5. позиција на Азискиот шампионат секогаш им создавала проблеми на европските репрезентации.
Сите четири репрезентации во групата Д имаат подеднакви шанса за пласман во следната фаза на Светското првенство во Полска и Шведска.
🇭🇺 УНГАРИЈА 🇭🇺
Унгарија својот фокус во последните години го насочи кон развивање млади играчи и во машката и во женската репрезентација, што се покажа како одлична идеја бидејќи беа постигнати големи успеси, особено во женската репрезентација на Унгарија. Пропуштањето на Светското првенство во Катар (2015) за Унгарија беше голем удар, што поттикна смена на стратегијата, при што помладите играчи сега имаат солидна минутажа.
Резултатите на унгарската репрезентација на последните три Мундијали се солидни, седмо место на Светското првенство во Франција (2017), десетто место во Германија и Данска (2019) и петто место во Египет (2021). Пред две години, Унгарија беше блиску до пласман меѓу четирите најдобри селекции во светот, но загуби драматично од Франција (32:35) по продолженијата во четвртфиналето. Во јануари 2022 година, амбициите на Унгаријана Европското првенство беа големи, бидејќи заедно со Словачка го организираа континенталниот собир. И двата домаќини беа елиминирани уште во раната фаза.
По неуспехот на ЕП, тогашниот селектор Иштван Гулјаш беше сменет и за нов селектор беше назначен Чема Родригез, поранешен среден бек на репрезентацијата на Шпанија и тренер на Бенфика. Родригез со екипата на Бенфика во минатата сезона ја освои Лига на Европа и покажа дека може да направи добри резултати доколку му се даде прилика.
Со добро познавање на унгарскиот ракомет, Родригез наследи тим гладен за успех, тим со комбинација на ветерани како Роланд Миклер и незгодни играчи како кружниот напаѓач Бенце Банхиди и десниот бек Доминик Мате. Најголемиот дел од избраните играчи на селекторот Родригез настапуваат во унгарскиот шампионат, односно во екипите на Татабања, ПИК Сегед, Балатонфуреди, Веспрем, Ференцварош… Тука е и некогашниот среден бек на Веспрем и актуелен член на Ференцварош, Мате Лекаи, како и екс голманот на Еурофарм Пелистер, Мартон Секељ.
Селектор: Чема Родригез
Клучни играчи: Бенце Баниди (пивот), Роланд Миклер (голман), Ричард Бодо (лев бек)
🇮🇸 ИСЛАНД 🇮🇸
Селекцијата на Исланд, која на Европското првенство во 2021 го направи најдобриот резултат во последните шест години, заврши на 6. позиција, ќе атакува на висок пласман на Мундијалот во јануари. Исланд е една од репрезентациите со најмногу учества на Мундијалите, вкупно 21. Најдобриот пласман на „рибарите” е петтото место во далечната 1997 година. Островската земја никогаш не обезбедила пласман меѓу најдобрите четири репрезентации, но затоа во својата колекција на медали го има среброто од Олимписките игри од Пекинг (2008).
Селекторот на Исланд, Гудмундур Гудмундсон, кој во својата репрезентативна кариера настапи на 236 пати, постигнувајќи 358 гола, ќе биде желен да го види неговиот тим како првопласиран во својата група. Во октомври, Исланд победи на двата квалификациски натпревари за Европското првенство во 2024 година, кое ќе се одржи во Германија. Првата победа беше остварена на домашен терен против Израел (36:21), а потоа во Талин, против Естонија (37:25). За подготовка на Мундијалот во јануари, Исланд на двапати ќе тестира со Германија, прво во Бремен (7 јануари), а потоа во Хановер следниот ден (8 јануари). Тоа ќе биде вистински тест за избраниците на Гудмундсон, кои ќе треба да го поправат лошиот впечаток од Светското првенство 2021. Исланд на Мундијалот во Египет заврши на 20 место од вкупно 32 учесници, но тогаш настапи без неколку важни играчи.
Најголемиот дел од ракометарите на Исланд имаат настапувано на големите натпреварувања, па така Гудмундсон ќе има силен состав за Мундијалот. Од клучните играчи тука се голманот на Нант, Виктор Халгримсон, еден од најдобрите ракометари на светот, средниот бек Арон Палмарсон (Алборг), потоа членот на Веспрем, Бјарки Мар Елисон, кој настапува на позицијата лево крило, како и двајцата ракометари од Магдебург, Омар Инги Магнусон и Гисли Кристијансон, кои настапуваат на позицијата лево крило, односно среден бек.
Селектор: Гудмундур Гудмундсон
Клучни играчи: Омар Инги Магнусон (десен бек), Арон Палмарсон (лев бек), Бјарки Мар Елисон (лево крило)
🇵🇹 ПОРТУГАЛИЈА 🇵🇹
Од дебито на Светското првенство во 1997 година, Португалија остварувала солидни резултати на Мундијалите. Селекцијата на Португалија на минатиот Мундијал го освои десеттото место, со што си овозможи настап во квалификациските натпревари за Олимписките игри во Токио. Португалија беше едно од најголемите изненадувања во квалификациите, ги елиминираше Хрватска и Тунис и за првпат обезбеди настап на најголемаат светска манифестација.
Голем дел од ракометарите на Португалија настапуваат во најсилните лиги низ Европа, како средниот бек Мигел Мартинс, кој игра за унгарскиот шампион ПИК Сегед, потоа кружниот напаѓач Луис Фраде, кој ја освои Лига на шампиони на со Барселона и уште неколку искусни и млади играчи.
На Светското првенство деби настап ќе имаат двете ѕвезди во подем, бековите Франциско и Мартим Мота да Коста, двајцата браќа кои во сениортксиот дрес на Португалија дебитираа на квалификациските натпревари против Холандија. На Европскот младинско првенство, Франциско Мота да Коста беше најдобар стрелец на натпреварувањете и заедно со неговиот брат Мартим Мота да Коста влегоа во Ол-стар тимот како најдобар десен, односно лев бек.
Селектор: Пауло Переира
Клучни играчи: Франциско Да Коста (десен бек), Андре Гомеш (лев бек), Луиш Фраде (пивот)
🇰🇷 ЈУЖНА КОРЕЈА 🇰🇷
Репрезентацијата на Јужна Кореја на Мундијалот во Полска и Шведска ќе биде предводена од екс селекторот на Португалија и Израел, Роландo Фреитас, кој стана првиот странски предводник на земјата од Азија.
По преземањето на Јужна Кореја во текот на месец мај 2022 година, поранешниот селектор на репрезентацијата на Португалија и на Израел ќе биде нестрплив да ја види неговата екипа меѓу најдобрите светски репрезентации.
Сепак, како што обично се случува со Јужна Кореја, недостатокот на меѓународно искуство и на клупско и на меѓународно ниво за неговите играчи може да се покаже како пресудно за конечниот пласман на големото натпреварување.
Јужна Кореја има учествувано на 13 Мундијали, а најголемиот успех за незгодната репрезентација од Азија е 8 место на Светското првенство во 1997 година. На останатите Мундијали секогаш завршувала помеѓу 12 и 23 место.
Селектор: Роландо Фреитас
Клучни играчи: Јеонг Гу Канг (среден бек) Хјуон Сик Ли (лев бек), Ха Мин Хо (десен бек)