24Ракомет ви ги претставува учесниците на Светското првенство што ќе се одржи во Полска и Шведска
Полска заедно со Шведска ќе бидат ко-организаторите на Светското првенство 2023 и токму настапот пред домашната публика за Полска ќе биде шанса повеќе за добар резултат на Мундијалот.
Во групата Б, во која се наоѓа и Полска, ќе играат и репрезентациите на Словенија, Саудиска Арабија и Франција.
Три европски репрезентации, кои сите освоија медал во последната деценија на Мундијалите, ќе се соочат со амбициозна репрезентација на Саудиска Арабија.
Оваа селекција со екс тренерот на Вардар, Јан Питлик е подготвена за настап и посакува да додје до изненадување.
Сепак, Полска, Франција и Словенија се големи фаворити за пласман во главната фаза.
🇵🇱 ПОЛСКА 🇵🇱
Ко-домаќинот Полска има 16 учества на Мундијалите и на трипати беше на подиумот во последните осум изданија на водечкиот светски машки ракометен настан, со сребрен медал во Германија (2007), бронзен медал во Хрватска (2009) и Катар (2015). Сепак, на последните три, односно два Мундијали не оствари голем успех. На Светското првенство во Франција заврши на 17 место, потоа две години подоцна не обезбеди пласман на Мундијалот во Данска и Германија, додека на претходниот Мундијал во Египет (2021) одигра под очекувањата и заврши на 13. позиција.
Нејзиниот предизвик да се врати на врвот ќе биде тежок, но олеснет од илјадниците навивачи, кои ќе пружат максимална поддршка за својата селекција. Полјаците најмногу ќе се потпрат на еден од најдобрите играчи на Келце, Аркадиуш Морито, кој му помогна на својот тим да се квалификува во финалето во Лигата на шампионите минатата сезона. Покрај Морито, клучен требаше да биде и кружниот напаѓач Камил Шипжак. Искусниот ракометар играш во одлична форма во ПСЖ, но се повреди во ЛШ и нема да биде дел од СП.
Дефинитивно Патрик Ромбел ќе има конкурентен тим, но останува прашањето дали домашниот терен ќе биде предност за селекцијата на Полска или голем притисок од своите навивачи, кои по секоја цена ќе посакуваат добар пласман на својата репрезентација.
Селектор: Патрик Ромбел
Клучни играчи: Аркадиуш Морито (десно крило), Мачеј Гебала (пивот), Симон Сичко (лев бек)
🇸🇮 СЛОВЕНИЈА 🇸🇮
Селекторот на Словенија, Урош Зорман на Мундијалот ќе патува без неколку искусни ракометари како Миха Зарабец, Сташ Скубе, Гашпер Маргуч…Словенците, кои во својата историја на Мундијалите имаат девет учества, можат да сметаат на квалитетна генерација играчи за Мундијалот, од кои некои освоија сребро на Светското првенство за младинци во Русија (2015), како Блаж Јанц (најдобар стрелец, 69 гола) и Алекс Влах, кој игра во одлична форма во словенечкиот шампион Целје.
Зорман има на располагање голем број квалитетни играчи како десниот бек Јуре Доленец, средниот бек Дин Бомбач. Токму Бомбач беше најдобар стрелец на Словенија во квалификациите за пласман на Светското првенство.
Најголемиот успех Словенија на Мундијалите го оствари во 2017 година кога го освои третото место, откако во полуфиналето ја совлада Хрватска. Тогаш за Словенија настапија и Урбан Лесјак, Тилен Кодрин, Ник Хенигман, Борут Мачковшек… Сега Словенија има тешка група и секој освоен бод за избраниците на Урош Зорман ќе биде од големо значење и голем исчекор кон обезбедување пласман во следната фаза на Мундијалот.
Селектор: Урош Зорман
Клучни играчи: Јуре Доленес (десен бек), Блаж Јанц (десно крило), Алекс Влах (среден бек)
🇸🇦 САУДИСКА АРАБИЈА 🇸🇦
Откако го имаше своето деби на Светското првенство во 1997 година, Саудиска Арабија учествуваше уште осум пати на Мундијалите и секогаш завршувајќи помеѓу 19 и 23 место. Пред четири години, односно на Светското првенство во Данска и Германија, азискиот тим беше рангиран на 21-то место, но не успеа да се квалификува за големиот настан во Египет (2021) откако заврши само на 7. позиција на Азискиот шампионат во 2020 година. Сепак, на следното издание на Азиското првенство, кое се одржа во Саудиска Арабија, домашните ја освоија бронзата и обезбедија место меѓу најдобрите светски репрезентации.
Во последните години, амбициозната Саудиска Арабија се потпира на искусни тренери од Европа. Словенецот Борис Денич беше на кормилото на националниот тим во периодот од 2016 до 2021 година пред да го преземе францускиот селектор Дидие Динар. И во летото 2022 година, Динар беше заменет со познатиот дански тактичар и екс тренер на ЖРК Вардар, Јан Питлик. Своевремено, во репрезентацијата на Саудиска Арабија свој ангажман имаше и актуелниот тренер на ЖРК Вардар, Александар Царчев, кој работеше како тренер на голманите кога репрезентацијата беше под водство на Дидие Динар.
Селектор: Јан Питлик
Клучни играчи: Махди Ал Салем (лев бек), Мохамад Ал Салем (голман), Абдула Ал Абас (лево крило)
🇫🇷 ФРАНЦИЈА 🇫🇷
Франција на Мундијалите има освоено вкупно 11 медали, шест златни, еден сребрен медал и четири бронзени медали. Генерации доаѓаат, си одат, некои играчи се пензионираат, но репрезентацијата на Франција отсекогаш била стабилна, без разлика дали играат главните ракометари или втората постава. За Франција ова ќе биде 24 учество на Мундијалите.
Пред две години, во Египет 2021 година, Франција заврши на 4. позиција, но една година подоцна, односно на Олимписките игри во Токио „сините“ иако не беа фаворити, сепак, со својата доминација го освоија првото место, со што ја надополнија својата колекција на медали.
Олимписките игри беа последниот голем турнир за десното крило Лук Абало и левото крило, Мишел Гигу, кои се пензионираа по завршувањето на најголемиот светски настан…Сепак, уште еден член на златната генерација на Франција се уште е активен на терените. Станува збор за Никола Карабатиќ, кој има одиграно 366 натпревари во дресот на Франција и постигнато 1257 гола.
Селекторот на Франција, Гијом Жил повторно има на располагање одличен состав, со еден од најдобрите светски играчи во моментов, Дика Мем, кој настапува на позицијата десен бек, како и две одлични крила, Валентин Порт и Дилан Наи, извонреден среден бек Кентан Мае и големите дефанзивци како Лука Карабатиќ, Лудовик Фабрегас…
Селектор: Гијом Жил
Клучни играчи: Дика Мем (десен бек), Венсан Жерар (голман), Лудовик Фабрегас (пивот)