Македонската интернационалка Симона Гроздановска повторно одигра перфектна партија во шампионатот на Швајцарија и со погодок во последните секунди му донесе голем бод на Винтертур на гостувањето кај Кројзлинген.
Дерби натпреварот меѓу двете екипи заврши без победник, 29:29. Ракометарката од Македонија на теренот имаше ефикасно издание. Гроздановска натпреварот го заврши со десет постигнати погодоци од 12 обиди.
Десното крило имаше 100% реализација од линијата од седум метри, односно пет од пет. Со новите погодоци, Гроздановска го презеде лидерското место на листата на стрелци.
Македонката стигна до 119 голови на 14 одиграни натпревари во досегашниот тек од швајцарскиот шампионат. Во минатата сезона, Гроздановска беше прогласена за најдобар стрелец во Швајцарија. На 20 одиграни натпревари имаше постигнато 167 погодоци.