Откако Советот на ИХФ одлучи репрезентацијата на САД да добие место на Светското првенство во Египет следната година, првата реакција стигна од Ракометната Федерација на Гренланд.
Тие сметаат дека одлуката е спорна со оглед на тоа што не се играше шампионатот на Северна Америка и Кариби, што требаше да биде прв по разделувањето на Пан Америка на две конфедерации.
Последното Пан Американско првенство, се одржа во 2018 година на Гренланд, а тоа натпреварување ги даваше патниците на светските шампионати. Таму првите три места ги освоија Бразил, Аргентина и Чиле, додека Гренланд беше четврто место.
Трите први селекции сега се дел од конфедерацијата на Средна и Јужна Америка, додека Гренланд беше најдобар на тоа првенство од конфедерацијата на Северна Америка и Кариби.
„ИХФ требаше да ги користи резултатите од последното Пан Американско првенство кога одлучуваше која репрезентација треба да оди на СП во Египет“, напишаа од Ракометната Федерација на Гренланд.
САД се најде во групата Е заедно со селекциите на Норвешка, Франција и Австрија, а ИХФ останува да го додели уште последното испразнето место, за кое се претпиставува дека ќе му припадне на Чиле, како претставник на Јужна Америка.