Тимот на Куманово, кој минатата сезона остана без титулите во првенството и Купот на Македонија, ги стартуваше подготовките за новата сезона.
Кумановци договорија продолжување на соработката со двете крилни ракометарки, Пена Граматова и Наташа Нолевска.
Граматова и Нолевска беа меѓу најдобрите стрелци во Куманово минатата сезона, па затоа раководоството им понуди нова соработка, која беше прифатена од нив.
Граматова претходно беше дел од составот на Металург, со кој има настапи и во европските купови. Нолевска пак има и интернацонална кариера во Данска и Романија зад себе.
Досега Куманово се засили со македонската репрезентативка Габриела Величковска, која потпиша договор на две сезони, а потоа беше решено и тренерското прашање со ангажманот на Драгана Ристова.
Куманово во следната сезона ќе биде дел од групата А во Женската лига и ќе игра со Скопје, Шампион, Спартак, Вардар, Чаир, Гевгелија и Пелистер, а ќе игра и во Европскиот Куп, каде за ривал го има израелскиот Макаби Раман Ган.