Легендарниот репрезентативец на Франција, Никола Карабатиќ на дуелот против Германија настапи со капитенската лента и тоа му беше првиот натпревар во кариерата на кој настапи во ваква улога.
За Карабатиќ ова беше 325. натпревар во кариерата, а капитенската лента ја доби поради отсуството на Валентин Порт (во изолација поради позитивен тест на коронавирусот), кој ја има оваа улога во репрезенацијата на Франција. Франција загуби со 34:35, но јасно е дека ќе има што да покаже и на овој турнир.
„По дваесет години во репрезентацијата на Франција првпат добив ваква можност. За мене беше чест и гордост да ја носам капитенската лента додека Валентин Порт се врати на терен. Чудно е, но почувствував голема возбуда“, вели Карабатиќ за сајтот на Ракометната федерација на Франција.
Селекцијата на Франција на Европското првенство игра во Групата Ц заедно со селекциите на Хрватска, Србија и Белорусија.