Тренерот на Мартин Томовски во Лудвигсхафен, Бен Мачке дефинитивно си заминува на крајот на оваа сезона, а веќе е позната и неговата следна дестинација. Тој оди кај Филип Миркуловски во редовите на Вецлар.
После 11 години доаѓа до смена на кормилото во Вецлар каде што Каи Вандшнајдер досега вршеше добра работа.
„Имам голема желба и мотив да го тренирам Вецлар. Ова е авторитетен клуб кој зад себе има голема традиција. Јас ќе водам млад тим кој е во раст. Со нетрпение го очекувам ова и можноста да ги запознаам играчите и навивачите“, вели тренерот на Лудвигсхафен, Бен Мачке.
Објаснува и како течеле преговорите и колку брзо успеале да се согласат.
„Преговорите беа навистина многу отворени и транспарентни. Сфатив дека моите ставови и амбиции се целосно во согласност со овој клуб и воопшто не се посомневам што треба да направам. Веднаш донесов одлука“, коментира Бен Мачке.
Тој ја одработува последната сезона во Лудвигсхафен, а од следната сезона добива можност за напредок во кариерата. Инаку има 38 години и е еден од неколкуте млади тренери кои надоаѓаат во Бундес лигата.