Репрезентацијата на Хрватска иако без многу стандардни ракометари и со доста подмладен состав ја оствари првата цел, а тоа е пласман во групната фаза во главната рунда.
Јавноста не им верува многу на хрватските ракометари, а тоа воопшто не му се допадна на поранешниот селектор Лино Червар и сегашен координатор на машките селекции на Хрватска. Червар имаше многу пофални зборови за репрезентативците.
„Многу сум задоволен од подготвеноста на сите играчи да одговорат на повикот од репрезентацијата и никој во ниту еден момент да не се почувствува отфрлен. Љубовта кон националниот дрес е преголема, така се игра за својата држава, така се бори за своето знаме. Горд сум што имаме момци кои не бараат пари, туку со срце играат за Хрватска. Имаме млади играчи кои се жртвуваат за Хрватска и можеме да бидеме за доволни бидејќи имаме добри деца“, рече Червар за net.hr.
Оваа генерација поранешниот селектор ја спореди со златната генерација од 2003 година.
„Во 2003 година имавме дрим-тим на 21. век. Таа екипа на Хрватска оствари нешто што никој во историјата на спорто го нема направено. Од последното место во Европа во 2002 година го освоивме светското злато во 2003 година а веќе во 2004 година бевме олимписки победници. Не постои спорт во кој некој бил последен и за толку кратко време освоил две големи злата. Нека биде и сега така, оваа наша репрезентација на која многумина и го свртеа грбот нека докаже колку вреди“, заврши Червар.
Првиот натпревар во главната фаза Хрватска го игра против изненадувањето Црна Гора.