Во главниот град на Русија, Москва, започнаа предавањата од програмата на ЕХФ за стекнување на Мастер Коуч лиценца, а меѓу слушателите се и тренерот на Вардар и селектор на Русија – Едуард Кокшаров, како и левиот бек на македонскиот шампион, Сергеј Горбок.
„Јас се запишав на овој курс од љубопитство. Ми стана интересно за што се зборува тука, што се учи, сакав да се запознаам со сите руски тренери, да ја почувствувам таа атмосфера. Играчката кариера нема да ја завршам следната сезона, но како и да е, имам 37 години, морам да мислам и на иднината, и од таа страна учеството на овој курс е важно за мене“, изјави Горбок.
Неговиот договор со Вардар истекува на крајот на оваа сезона и се уште не е јасно дали рускиот репрезентативец ќе продолжи да ги брани боите на „црвено-црните“.