Во рамките од осминафиналните натпревари во Купот на Русија, екипата на Дворец од Москва, во која главно играат ветерани, славеше против Динамо Сунгул со резултат 29:27. Со освоената победа, аматерскиот клуб обезбеди пласман во четвртфиналето на Купот на Русија.
Натпреварот беше проследен со многу возбудувања до самиот крај, а главните виновници за освоената победа на Дворец беа екс играчите на руската репрезентација, Василиј Филипов, Денис Кривошликов, Дмитриј Ковалев, Алексеј Каманин и Сергеј Горбок. Поранешниот ракометар на Вардар натпреварот го заврши со четири постигнати погодоци.
Вардар беше последниот професионален клуб на Горбок во својата кариера. Искусниот лев бек во 2020 година реши да се повлече од ракометните терени, но во текот на минатата година донесе одлука повторно да заигра ракомет.
Екипата на Дворец во четвртфиналето ќе игра против составот на Краснодар СКИФ. Горбок и неговите колеги ќе имаат голема шанса да направат позабележителен успех бидејќи екипата на Краснодар СКИФ во оваа сезона покажа лоши резултати и моментално се наоѓа во зоната за испаѓање во рускиот шампионат.
За потсетување, солиден успех направи и женската екипа на Дворец. Во натпреварите од осминафиналето од Купот на Русија во женска конкуренција, Дворец успеа да го елиминира суперлигашот АГУ-Адиф.
Во женската екипа на Дворец настапуваат неколку поранешни репрезентативки на Русија меѓу кои и Олга Акопјан (Левина), Емилија Туреј и Надежда Муравјева.