Горбок: Вардар за мене е повеќе од клуб!

Приказната за Сергеј Горбок и Вардар официјално започнува во 2014 година, за потоа во 2016 да замине во Пик Сегед и две години подоцна одново да се врати во Скопје и тука да го достигне и врвот на кариерата, освојувањето на титулата во Лигата на шампионите во 2019 година.

„Можам само да му се заблагодарам на Сергеј (Самсоненко) што ме зеде во Вардар, што бев дел од еден проект, кој ќе биде запаметен од целиот ракометен свет. Со сите услови кои ги понуди Вардар порасна во еден од најдобрите клубови на светот. Многу клубовите даваат пари и вложуваат, но ја немаат визијата и го немаат она внатре. Моето познанство со Сергеј е од Германија, каде тој има тениска академија, а јас играв во РНЛ и таму разговаравме. Потоа дојдов да гледам Вардар – Металург, онаа прва сезона кога клубовите беа во иста група во Лигатана шампионите и кога во ’Борис Трајковски’ имаше жестока атмосфера, ’летаа столчиња“ меѓу навивачите, темперамент, хаос… Колку што ми беше чудно и интересно, толку бев и изненаден, иако слична атмосфера имав видено и во Целје. И во Германија имаа полни сали, ама таму се е на мирно ниво. Дојдов во Скопје и кога се градеше салата, само што ги имаа поставено темелите, а Сергеј ми вели за девет месеци ова ќе биде готово. Не ми се веруваше ама навистина така се случи. Генерално Сергеј имаше визија, сакаше да направи нешто со екипата и се даваше максимално во проектот и затоа таков беше и фит-бекот, позитивниот бонус се двете шампионски титули во ЛШ. За мене кога дојдов беше чудно што Сергеј доаѓаше на тренинзи и на кафе со играчите, се однесуваше како да е дел од екипата. Претходно немав видено ниту еден претседател на клуб кој има таков однос со своите играчи. Нему му беа важни и играчките квалитети, но пред се кој си и каков човек си, барем јас така мислам. Ние сите сме дојдени од различни страни, различни земји и со различни карактери, ментално се разликуваме, но кога си едно – екипа, ти се жртвуваш за еден, тој за друг, трет за тебе, даваш рамо за да го кренеш човекот и коцка по коцка се прави тоа, јадрото на екипата. Тоа не се случува преку вечер… Некои си заминаа, некои останаа, но јадрото и натаму е црвено-црно. Не сите играчи, но повеќето кои заминале од Вардар во последниве седум години знаат дека кога одново би се вратиле би биле како дома. Луѓето кои му дале на клубот, знаат дека и клубот секогаш ќе биде тука за нив. Затоа велам дека не жалам што не се пензионирав пред полна сала и со аплаузи, не ми е потребно тоа! Знам дека сум таму, во јадрото, дека сум дел од тимот и тоа е доволно за мене“, потенцира Горбок.

Комплетниот разговор со Горбок може да го прочитате подолу…

ИНТЕРВЈУ СЕРГЕЈ ГОРБОК: Не жалам што не се пензионирав пред полна сала и со аплаузи, важно е дека сум дома – во Вардар!