Горан Кузманоски е тренерска желба на Бутел

Поранешниот репрезентативец кој сезонава седеше на клупата на Скопје се раздели со тимот, и сега како „слободен стрелец“ е на мета на Бутел, но и на романски Одорхеи

Горан Кузманоски е блиску до превземање на екипата на Бутел, откако пред неколку денови тој спогодбено се раздели со тимот кој го водеше до опстанок во Супер лигата. Покрај Бутел во игра за Кузманоски се јавува и романскиот тим Одорхеи каде своевремено играше Кузманоски.

Бутел остане без тренер, бидејќи Кристијан Грчевски по неколку сезони на клупата реши да бара нов предизвик, а пред последниот меч со Охрид, неколку првотимци на Бутел добија подароци бидејќи исто така заминуваат: Мирко Мајиќ, Владимир Јевтиќ Јовица Младеновски, Мартин Манасков, како и голманот Филип Ивановски.

Плановите на Бутел се и в година да бидат конкурентни и да играат во плејофот. Сезонава го освоија петтото место, иако можеа сигурно да земат уште некој бод повеќе, според квалитето на играчите. Тимот од скопската општина Бутел го има и најдобриот дефанзивец во лигата, Томче Стојановски кој беше избран во гласањето на Ол стар тимот на сезоната.

Романскиот тим Одорхеи сака да го врати Кузманоски кај нив, но проблем е што тир испаднаа од првата лига, па сега од финансиите и играчкиот кадар зависи дали ќе можат брзо да се вратат во елитата.

Кузманоски како играч настапуваше за повеќе македонски клубови, потекнува од составот на Тутунски Комбинат Бренд, а во играчката кариера ги носеше дресовите на Пролет, Вардар, Металург и Еурофарм Пелистер, додека во странство беше член на шведскиот Трелеборг, португалската Мадеира, шпанската Виља де Аранда…

Најголема трага остави во романскиот тим Одорхеи, каде играше од 2011 до 2018 година пред да сѐ врати во Македонија. Во Романија се афирмираше како лидер, а во последната сезона во Одорхеи беше и помошен тренер на тимот. Во Македонија беше тренер и во Прилеп.