Гол шоу на Мркиќ, Ериче влегува во трката за титулата

Екипата на Ериче, во која настапува македонската интернационалка Савица Мркиќ, ја забележа осмата победа во италијанскиот шампионат, откако на гостински терен немаше никакви проблеми против тимот на Мецокорона.

Мркиќ и Ериче против Мецокорона остварија убедлива победа, која беше изразена со 12 гола разлика, 34:22.  Голем удел во победата имаше и ракометарката од Македонија која беше најефикасна на теренот.

Македонката во мрежата на домаќинот постигна 13 гола, имаше и неколку асистенции кон нејзините соиграчки и одлично ја заврши својата задача во одбраната.

Ериче во годинешната сезона атакува на висок пласман во шампионатот на Италија, а потврда за силните амбиции на клубот беше и ангажирањето на екс голманката на Бразил, Чана Масон.

Клубот на Мркиќ моментално се наоѓа на 3. позиција на табелата со 16 бода, второпласираниот Јоми Салерно има 17, додека актуелниот лидер Понтинија на свое конто има 18 бода.