„Голот за титула против Вардар – најубавиот момент во мојата кариера!“

Навивачите на Металург сигурно се сеќаваат на српскиот интернационалец Милан Чоровиќ, кој му ја донесе на тимот од Автокоманда првата историска титула во Македонија.

Во сезоната 2005/2006, во финалето од плеј-офот на Суперлигата серијата меѓу Металург и Вардар ја доби тимот од Автокоманда со 2-1. Решавачкиот натпревар се одигра на теренот на Металург, беше драматичен до самиот крај, а Чоровиќ погоди во последните секунди за победа со 27-26 и за титула на Металург.

Србинот го издвои тој момент како најубав во неговата богата кариера, во која ги носеше дресовите на српските Црвена Ѕвезда, Партизан и Стари Град, словенечкиот Голд Клуб, францускиот Ним, швајцарскиот Фади Винтертур, шпанската ТЕКА Кантабрија, како и двата клуба од Обединетите Арапски Емирати – Ал Аин и Ал Шарјах.

„Еден од најбавите моменти во мојата кариера е погодокот во последните секунди против Вардар во одлучувачкиот натпревар од плеј-офот, со кој му ја донесов првата титула во историјата на Металург“, вели Чоровиќ за Рукометни Журнал.

Кариерата ја заврши во српскиот Обилиќ, а веќе работи како делегат на ракомените натпревари во српските лиги.