Ракометарите на Монпелје за четвртфиналниот дуел против Келце во Лигата на шампионите ќе бидат драстично ослабени поради отсуството на десното крило, Јанис Лен, кој поради повреда предвреме ја заврши сезоната и нема да може да им помогне на своите соиграчи во борбата за Ф4 во најквалитетното натпреварување, како и во последните натпревари од францускиот шампионат.
Како што пренесува „Midi Libre“, Јанис Лен, заработил повреда на десната рака во натпреварот против ПСЖ, а според информациите на раководството на клубот, репрезентативецот на Франција го очекува операција во текот на оваа недела.
Повредата на Лен е голем удар за Монпелје бидејќи поранешниот освојувач на Лигата на шампионите остана и без капитенот, Валентин Порт и без Жулиен Бос, кои исто така се повредени. Двајцата споменати ракометари играа на позицијата десен бек.
Лен во оваа сезона постигна 47 гола во Лигата на шампионите и беше меѓу најефикасните во составот на Патрис Канаје. Монпелје првиот четвртфинален дуел против Келце го игра на 12 мај на свој терен. Реваншот е закажан за 18 мај во Келце. Подобриот тим ќе обезбеди пласман на Ф4 турнирот во Келн.