Романската екипа Глорија Бузау, која во рамки од 2. коло од Лига на Европа беше елиминирана од шпанска Магала, до Европската ракометна федерација (ЕХФ) испрати официјален протест, бидејќи на реванш натпреварот шпанската екипа цело прво полувреме играла со ракометарка, која не била пријавена во официјалниот записник, пренесува шпанската „Марка.
Глорија Бузау и Малага реванш дуелот од 2. коло од Лига на Европа го одиграа на 15 октомври во Шпанија и шпанскиот претставник обезбеди пласман во следната фаза, откако убедливо триумфираше со 30:24.
Сепак, клубот од Шпанија може да биде исклучен од Европа поради големиот пропуст, откако бразилската интернационалка Изабел Медеирос го одиграла првото полувреме, но не била пријавена за реванш дуелот.
Судиите Давид и Кристиан Ханес, кои го суделе натпреварот, во второто полувреме забележале дека Медеирос воопшто не е во официјалниот записник и после утврдувањето на ненамерната грешка, која ја направил делегатот од Малта, Мамо Матју, ракометарката од Бразил во второто полувреме морала да го напушти теренот и да се пресели на трибините.
Раководството на Глорија Бузау побарало од ЕХФ да ја исклучат Малага од европското натпреварување поради големиот пропуст и романската екипа да игра во понатамошниот тек од натпреварувањето во Лига на Европа. Малага за противник во 3. коло од Лига на Европа го доби Мошонмаѓаровар од Унгарија.