Голем клуб, уште поголем кикс – Барса службено ќе загуби меч поради нерегистриран играч!

Барселона по долго време ќе загуби натпревар во Асобал лига, но тоа нема да биде на теренот, туку на зелената маса. Каталонскиот гигант го доби натпреварот против Торелавега во вторникот со 41-28, но на овој дуел настапи ракометар што немал право да игра.

Катарскиот репрезентативец Јусуф Бен Али, потпиша за Барса на 19 ноември, а мечот против Торелавега требаше да се игра на 10 октомври според распоредот, но беше одложен.

Според правилата на шпанската федерација, Барса можеше да настапи само со играчи што ги имаше на располагање до првичниот термин за натпреварот, па сега се соочува со службен пораз.

„Немавме никаква намера да влијаеме на резултатот. Кога ќе направиш грешка, мора да ги прифатиш последиците од неа“, изјави спортскиот директор на Барса, Хавиер О’Калахан.

Дури и да го загуби службено овој натпревар против Торелавега, Барса има комотна предост пред сите други тимови во Асобал лига и несомнено ќе стигне до титулата и оваа сезона.