Составите на Словенија и Шведска одиграа максимално возбудлив натпревар во кој нијанси решаваа за победникот, но тие нијанси беа речиси невидливи, па немаше победник, а дуелот финишираше нерешено, 28:28.
Од првиот напад на натпреварот се виде дека селекцијата на Шведска е решена да нападне силно и да оди на бодови кои ќе ја доближат до пласман во четврт-финалето. Од почеток одеше одлично, а Словенците не можеа се снајдат ниту да се препознаат. Тешко се реализираше, а тоа Швеѓаните го користеа да ја зголемуваат предноста.
Играа одлично и стигнаа до 11:6, резултат кој им даваше можност мирно да влезат во втората половина од првото полувреме. Сепак, на 11:7, Врањеш одлучи да повика тајм-аут. Успеа да ги прекине своите сонародници така што им овозможи на момците од Словенија кои ги предводи да се вратат во играта. Тргнаа посилно и до крајот на првиот дел доминираа.
Пред заминувањето на одмор беше постигнат гол за 14:15, па овој гол разлика гарантираше возбудливо второ полувреме.
Само што почна вториот дел од средбата Словенија влезе во налет и израмни, па брзо и поведе со 18:17. Сепак, тука Словенците како да влегоа во криза бидејќи примија четири гола во серија и тоа овозможи Шведска да се врати во позитива од три гола и да има 21:18. На сето тоа Словенците и грешеа и не можеа да реализираат како што посакуваа, па тоа влијаеше и на играта.
Меѓутоа, темпото не беше веќе исто како на почетокот, па имаше промени. Швеѓаните тешко ја чуваа предноста бидејќи во завршницата повеќе имаа исклучен ракометар отколку што беа комплетни.
Двете селекции се надигруваа 59 минути, а потоа во последната минута влегоа со нерешени 27:27. Потоа прво Ване убаво влезе на линијата од шест метри и успеа да се снајде, па откако доби топка да го матира голманот на Словенија, Ферлин. Веднаш после ова Словенците го имаа последниот напад, а Габер погоди за 28:28 така што ситуацијата во Групата 4 е неверојатно возбудлива и во последното коло кога има два дерби дуели ќе биде максимално возбудливо.