Голема казна за Душебаев – шест меча надвор од клупата на Келце!

Тренерот на Келце, Талант Душебаев заработи голема казна поради тоа што на средбата против Висла Плоцк во полуфиналето од Купот на Полска доби црвен картон уште во 19 минута.

Душебаев беше критички настроен кон арбитрите и упати тешки зборови, па затоа сега заработи и казна поради која шест меча ќе биде надвор од клупата на Келце на средбите од Купот на оваа земја.

„После направената анализа на извештајот од натпреварот и прегледаната снимка, одлучивме да го казниме и тренерот и клибот. Ниту една емоција или настан на теренот не може да го оправда неспортското однесување и погрдни зборови за време на натпреварот. Веруваме дека ваква ситуација како меѓу Келце и Висла Плоцк повеќе нема да се случи. Полскиот ракомет страда од ова“, стои во извештајот од Дисциплинците на Полската ракометна федерација.

Душебаев ја доби највисоката можна казна за ваков престап од шест натпревари така што нема да може да го води својот тим во финалето до Купот на Полска. Воедно ќе треба да се платат и 3.000 полски злоти што е сума од околу 650 евра.