После 80 минути игра и пенал рулет со голот на Ласе Сван селекцијата на Данска успеа да обезбеди пласман во полуфиналето в петок совладувајќи ја селекцијата на Египет со 39:38. Мечот имаше многу возбудувања, голема драма и интересни потези на двете страни. Судиите неколкупати гледаа снимка за да донесат одлука, доделија два црвени картони, пенали за израмнување на крајот од продолженијата, па на крајот само еден удар од седум метри одлучи кој ќе игра во полуфиналето.
Од почетокот на средбата се виде решеноста на домашните да го добијат овој натпревар. Тргнаа силно и ги оставија Данците без погодок во првите 5-6 минути. Египет поведе со 3:0, па додека репрезентативците на Данска да влезат во ритам противникот веќе имаше убава предност.
Ова водство, сепак, не гарантираше мирно продолжение бидејќи уште беше отворање на средбата, па составот на Данска брзо успеа да се врати и да израмни на 4:4. Египет продолжи да го диктира водството и беше во предност од гол до два некаде до средината на првото полувреме кога селекцијата на Данска првпат дојде до водство од 9:8.
Тука продолжи надигрувањето. Следуваа минути на промена во водството на двете страни. И Египет и Данска имаа свои моменти, па нијанси решаваа кој ќе биде во позитива. Данците успеаја да го покажат квалитетот пред заминувањето на одмор, па имаа 16:13 на паузата.
Парондо очигледно имал нов говор во соблекувалната за мотивација, па вторите 30 минути Египет ги почна далеку подобро. Влезе во убава серија, и го сврте резултатот во своја корист, но не успеа и да го исконтролира до крајот така што се влезе во интересен период.
И Данска и Египет имаа свои моменти. Постојано се менуваа во водство, па имаше и чести пресврти. Буквално сè одеше кон тоа нијанси да одлучуваат кој ќе дојде до победата. Во прашање беше една топка кој ќе се пласира во полуфиналето, па на 30 секунди до крајот Данска израмни на 28:28.
Тука се случи моментот кој може многу да ја чини селекцијата на Египет бидејќи Мамдух влезе прерано во терен и доби две минути, Данска доби шанса за победа. Сепак, актуелните светски прваци се прекомбинираа, па дуелот отиде во продолженија.
Данска ги доби првите пет минути во кои постојано имаше контрола. Имаше 31:29 после првите пет минути од дополнителното време, а овие два гола се одржуваа и во вторите пет минути од продолжението. На 30 секунди до крајот Египет даде гол, но Данска беше во предност од 34:33 и имаше напад. Данците тактизираа и ги трошеа секундите. Судиите Губица и Милошевиќ досудија пасивен напад, а Хансен ја фрли топката за да нема време за напад за Египет. После прегледувањето на снимката Хрватите му дадоа црвен картон, а Египет доби удар од седум метри. Санад беше сигурен реализатор за 34:34 и нови дополнителни десет минути.
Драмата продолжи и во нив, а имаше по еден гол од двете селекции. Египет реализираше во првото продолжение, додека Данска доби иста можност со пенал да израмни. Елмасри отиде да блокира, но се доближи премногу и го спречи Гидсел да бие, па заработи црвен картон, а Ландин беше прецизен за победа на Данска. Конечни 35:35 и пенал рулет да одлука за првиот полуфиналист.
ПЕНАЛ РУЛЕТ
0:0 Елахмар (Ландин брани)
1:0 Јакобсен
1:1 Санад
2:1 Ландин
2:2 Омар
3:2 Јенсен
3:3 Елдера
3:3 Нилсен (Елтајар брани)
3:3 Зеин (Ландин брани)
4:3 Сван