Еурофарм Пелистер и Бутел Скопје во 10. коло од групата Б во Супер лигата одиграа неизвесен натпревар кој после голема драма заврши без победник 23:23. Во финишот и двете екипи можеа до победата но немаа реализација во клучниот момент.
Тимот на Еурофарм Пелистер 2 уште од почетокот беше решен на овој натпревар да обезбеди плеј-офот. Отворија со 3:1 и 4:2, но Бутел не дозволи противникот да се одлепи и брзо израмни. Со серија 3:0 гостинискиот тим го презема водството.
Се играше максимално борбено и израмнето, одбраната на двете страни беше добро организирана и екипите со многу проблеми стигнуваа до реализација. До полувремето Еурофарм Пелистер 2 беше подобар за еден гол и по 30. минути водеше 13:12.
Во вториот дел продолжи неизвесноста, после негативата на полувреме Бутел повторно минимално поведе и го контролираше резултатот. Гостите водеа 16:18 и во 45. минута беше 18:20, оваа предност од два гола се одржуваше подолг период.
Веќе во следната минута Бутел имаше напад за прво водство од три, но Кузмановски ја пресече топката и намали на 19:20. Иако Еурофарм Пелистер 2 беше многу блиску до израмнување, не успеваше да стигне до него.
Еурофарм Пелистер 2 – Бутел Скопје
Завршницата беше драматична, момците на Александар Јовиќ во 55. минута успеаја да израмнат на 22:22 и шансите за триумф се зголемија. Следуваа реализации на двете страни, потоа Бутел Скопје промаши удар од далечина и во 59. минута домашниот тим имаше напад за водство.
После тајм аутот на Јовиќ, неговиот тим не усепа да организира напад и да погоди што беше шанса за Бутел. И тие го искористија своето право за минута одмор да подготват напад, но и тие беа неуспешни. Остана време и за Еурофарм Пелистер 2 кој уште еднаш одиграа брзоплето и не стигнаа до победата.
Ќе мораат сега битолчани да почекаат до претпоследното коло за да го официјализираат местото во плеј-офот, ако Прилеп и Тиквеш загубат, или ќе чекаат до последното во кое ќе се решава се.
Најефикасен во составот на Еурофарм Пелистер 2 беше Цветан Кузмановски со пет гола, додека по четири постигнаа Јован Талевски и Стефан Дрогришки. За тимот на Бутел Скопје, повторно најефикасен беше Мирко Мајиќ со седум гола, а Златко Мојсоски постигна пет.