Дебитантот во Првата лига, тимот на Голден Арт 2 оствари нова победа во прволигашката конкуренција откако во натпревар од 17. коло славеше убедливо против Борец со 53:9.
Избраниците на Глигоров победата ја остварија уште во првото полувреме, кое го добија со 18 гола разлика, 22:4
Вториот дел беше повеќе формалност и шанса за останатите ракометари од клупата. Домаќините во ниту еден момент не попуштија, лесно доаѓаа до погодок и до крајот од минута во минута ја зголемуваа резултатската предност за конечни 53:9.
Предводник во победничката екипа беше Марко Пасковски со 14 постигнати погодоци, седум додаде Петар Стојаноски, додека шест реализации имаа Радован Ашталкоски, Андреј Божиновски и Стефан Терзиевски.
Кај Борец се истакнаа Леон Ристов со четири и Душан Крстевски со три погодоци.
Голден Арт 2 веќе има обезбедено место во плеј-оф фазата од Првата лига и моментално на табелата во групата Б има 27 бода. Борец останува на дното на табелата без бодови.