Голден Арт 2 со победнички старт во прволигашкиот плеј-оф, славеше против Младост Богданци

На стартот од плеј-офот за пласман во суперлигата, тимот на Голден Арт 2 на домашен терен во израмнет натпревар го совлада Младост Богданци со резултат 27:23. Гостите подобро го стартуваа натпреварот и во текот на првиот дел имаа константна предност, која во еден момент изнесуваше и пет погодоци.

Голден Арт 2 играше добра одбрана и создаваше ситуација за гол, но реализацијата не беше на потребното ниво. Домашната одбрана во континуитет беше на високо ниво и надополнета со неколку одбрани на Никола Спасовски, Голден Арт 2 успеа на стартот на вториот дел да го израмни резултатот, а многу брзо и да го превземе резултатот во своја корист.

Предвидени во нападот од Немања Џигероски и реализацијата на крилата, домашниот тим играше се посигурно и создаваше разлика која на крајот беше четири погодоци разлика. Гостите во меѓувреме останаа без Чрчев, кој заработи црвен картон по трите исклучувања, а промашија и три пенали, па тука може да ги бараат причините за поразот.

Радован Ашталкоски со девет гола беше најпрецизен, додека Филип Сиљанов постигна пет погодоци за победничкиот тим. Во гостинскиот состав се истакнаа Илија Чрчев и Ѓорѓе Атанасов со по шест гола.