Младост Богданци пред домашната публика славеше важна победа против тимот на Голден Арт 2 со 30:28 (14:16) во натпревар од 6. коло од прволигашкиот плеј-оф.
Екипата од Богданци со освоената победа против дебитантот остана во игра за 2. позиција на табелата, која носи директен пласман во Супер лигата.
Голем хендикеп за Голден Арт 2 беше отсуството на двајцата стандардни првотимци Андреј Глигоров и Немања Џигероски.
Избраниците на Филип Глигоров имаа одлични 30 минути, во кои беа подобриот противник на теренот. Домаќинот во првиот дел никако не можеше да дојде до изедначување на резултатот. Младите ракометари на Голден Арт 2 беа во водство од 2-3 погодоци разлика и ја имаа играта под контрола. На полувреме резултатот беше 16:14 во корист за гостинот.
Голден Арт 2 го одржуваше водството сѐ до средината на вториот дел, при што домаќинот прво го израмни резултатот на 19:19 и 20:20, за во следните неколку минути набрзина да создаде конкретна разлика, а на семафорот стоеше 25:20. Во последните десет минути, гостинот единствено успеа да го ублажи поразот.
Најефикасен во победничката екипа беше искусниот Никола Роглев со десет погодоци. Кај Голден Арт 2 се истакнаа Петар Стојаноски и Кристијан Стаменковиќ со по седум реализации.